МНР: Средба на министерот за надворешни работи на Република Македонија со Алојз Петерле, член на Европскиот парламент
Во рамките на престојот во Брисел, министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски оствари средбa со Алојз Петерле (ЕПП, Словенија), член на Европскиот парламент, и нов ко-претседавач со Мешовитиот парламентарен комитет.
Заеднички беше констатирано дека Мешовитиот парламентарен комитет во претстојниот период треба засилено да се искористи како корисен инструмент за конструктивна дебата и давање визибилитет на процесот на интеграција на Македонија во Европската унија.
Министерот Попоски истакна дека за време на новиот мандат на Европскиот парламент Македонија ќе се подготвува за полноправо членство во ЕУ со оглед дека подготвеноста за отпочнување на преговорите веќе одамна е потврдена. Заедничката работа на Мешовитиот комитет може најмногу да помогне и Брисел да се подготви за донесување на одлуката за членство во моментот кога Македонија ќе биде целосно подготвена.
Се согласивме со европратеникот Петерле: „Европската комисија изјави дека ќе има 5 годишен прекин во проширувањето. Треба да се искористи тоа време за да се подготвиме за членство во Унијата, но кога ние ќе бидеме подготвени, треба да биде подготвена и Европската унија.“
Европратеникот Алојз Петерле изрази поддршка на Македонија за отпочнување на преговорите за членство во Унијата, со охрабрување да се продолжи со реформите во клучните области.
На средбата се разговараше и за актуелни прашања поврзани со европскиот интегративен процес на Република Македонија и односите со Европската унија.