Нов кружен тек во Порта Влае за поголема безбедност во сообраќајот
Нов кружен тек со кој ќе се олесни движењето на возилата ќе биде изграден на булеварот „Партизански одреди“ кај Порта Влае, во делот кој води кон општината Ѓорче Петров.
Станува збор за проект на Градот Скопје со кој годинава е предвидена изградбата на кружниот тек во вредност од еден милион денари, а следната година се планира проширување на булеварот „Партизански одреди“.
Кружниот тек ќе биде со дијаметар од 40 метри, ќе има велосипедски патеки, а со проектот е предвидено и улично осветлување и изградба на атмосферска канализација.
Официјалниот почеток на градежните работи беше означен денеска, а на него присуствуваа премиерот Никола Груевски, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалниците на Ѓорче Петров и Карпош, Сокол Митревски и Стевчо Јакимовски.
Според премиерот Груевски, станува збор за проект со кој значително ќе се олесни движењето на возилата, а сообраќајот ќе биде побезбеден.
- Се работи за голем проект во кој градоначалникот на Град Скопје во соработка со градоначаниците на Карпош и Ѓорче Петров го подготвува подолг период. Оваа година ќе се гради кружниот тек, а следната година проширувањето на булеварот „Партизански одреди“, истакна Груевски.
Втората фаза која предвидува проширување на булеварот „Партизански одреди“ ќе започне откако ќе бидат решени имотно-правните односи.
- Со изградбата на кружниот тек ќе се зголеми безбедноста на сообраќајот, а од друга страна овој дел од Скопје ќе добие подобар изглед, истакна градоначалникот Коце Трајановски.
Тој најави дека и во иднина ќе се продолжи со изградба на кружни текови бидејќи тие се покажале како ефикасно решение.
Овој кружен тек е седмиот што се гради на подрачјето на Скопје.