Попоски се сретна со Нимиц

 

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска го прими претставникот на генералниот секретар на Обединетите нации и посредник во спорот околу името помеѓу Република Македонија и Република Грција, Метју Нимиц.

На средбата, како што соопшти МНР, присуствуваше и претставникот на Република Македонија во процесот на преговори,Васко Наумовски.

Нимиц, како што е наведено во соопштението, ги сподели своите видувања за ефективен процес и корисност од фокусиран дијалог кон надминување на спорот околу името со јужниот сосед.

Министерот Попоски ги истакна заложбите на Република Македонија за решение и целосна посветеност на процесот.

- Македонски интерес е да го надминеме единствениот, но тежок и долготраен проблем со нашите грчки партнери, истакна министерот Попоски, додавајќи дека за да го постигнеме тоа ни треба почитување на правото и политичка волја. - Посакуваме таков сигнал да се добие и од Атина по посетата на Нимиц, подвлекува македонскиот министер за надворешни работи.

За време на посетата Нимиц беше примен од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, а ќе има средба и со премиерот Никола Груевски.