Тодоров посети реновираното одделение за физикална терапија во Велешката болница
Министерот за здраство Никола Тодоров денеска го посети целосно реконструираното Физикално одделение при Велешката општа болница.
Тодоров во придружба на неговиот заменик Јовица Андовски, на директорот д-р Атанас Василев и велешкиот градоначалник Славчо Чадиев, направи увид во изведбата на работите, за кои Министерството издвои околу 5 милиони денари.
- Ова одделение изградено во 1910 година со децении не било реконтруирано и затоа беше во многу лоша инфраструктурна состојба, а на што ми посочија лекарите при една моја посета на Велес. Тие се жалеа дека условите за работа се неповолни и за медицинскиот тим и за пациентите кои тука доаѓаат. Јас веднаш направив увид и решив дека му е потребна итна реконструкција и еве денеска одделението е целосно реконструирано, потенцира Тодоров.
Тој информира дека е набавен и еден нов апарат, а ќе се набават и останати апарати и реквизити за рехабилитација и лекување на пациентите. Воедно од октомври најави и реконстрикција на Одделението за трансфузиска медицина, кое според него е во многу лоша состојба и треба да биде реконструирано до почетокот на идната година.
Директорот на ЈЗУ Општа болница - Велес д-р Атанас Василев информира дека новиот апарат што е набавен е БНР 4000 премиум со шест струи и може да опслужува двајца пациенти. Воедно Василев најави наскоро набавка и на дополнителна апаратура за физикалното одделение, како и на сите потребни реквизите за рехабилитација.
Одделението располага и со 24 болнички кревети. - Работата од денеска на оваа одделение во нови реконструирани простории и нова апаратура во многу ќе прионесе за услугите на персоналот,а што ќе значи и задоволни пациенти потенцира д-р Василев.
Тој информира дека во последниве шест години во велешката болница вработиле 23 доктори и дваесетина сестри.
Најави вработување и на нови доктори, како и усовршување на персоналот во странство и тоа двајца доктори во Германија и двајца во Белград, кои кога ќе се вратат ќе придонесат да се зголеми квалитетот на услугите.
- На ова Физикално одделение моментално работи само еден физијатар и доаѓаат на испомош двајца доктори специјалисти од Кавадарци, а од септември ќе дојде да работи уште еден специјалист физијатар. Средно стручен медицински персонал имаме доволно, рече директорот д-р Василев.