Конкурси на МОН за научни и творечки субвенции
Министерството за образование и наука објави конкурси за научни и за творечки субвенции. Двата конкурса се за доделување еднократни финансиски средства од 30.000 денари.
Министерот Абдилаќим Адеми денеска на прес-конференција соопшти дека првиот конкурс е наменет за субвенционирање научни трудови на домашни автори објавени во меѓународни научни списанија со фактор на влијание во 2014 година.
Предвидено е да бидат доделени средства за најмногу 300 научно-истражувачки трудови во шест области: природно-математички науки, техничко-технолошки, медицински науки и здравство, геотехнички, општествени и хуманистички науки.
Вториот конкурс е за доделување творечки субвенции и се однесува на дејности реализирани во 2013 година од наставници и соработници на високоообразовни и научни установи од областите: архитектура, ликовна, драмска, музичка, филмска уметност и литература. Бројот на субвенциите не е ограничен. Условите за аплицирање се учество или настап на фестивал кој е член на Европската асоцијација на фестивали, учество на меѓународен проект и манифестација надвор од Македонија, како државен претставник или по пат на конкурс, аудиција или селекција.
Повеќе информации за субвенциите на МОН се содржани во конкурсите, објавени на веб-страницата www.mon.gov.mk. За творечките субвенции може да се аплицира до 31 октомври 2014, а за научните субвенции до 31 јули 2015.
На новинарско прашање во врска со протестот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), министерот Адеми одговори дека протестот е загарантирано право, дека МОН е отворено за дијалог со СОНК но без условувања и уцени.
Соопшти дека имал средба со претседателот на СОНК на 16 јули во МОН за да разговараат за нивните пет барања (во врска со екстерното тестирање, минимална плата, колективен договор во високото образование), но дека бил условен од претседателот на СОНК - додека не се реши позитивно случајот на Штипскиот универзитет и во полза на професорите кои штрајкуват, СОНК нема да го продолжи дијалогот со МОН и со Владата.
- Тука, за жал, се прекинаа преговорите со СОНК, Ние остануваме отворени за да дискутираме со СОНК, но нагласувам тие преговори не можат да бидат со уцена и со услови. Ние во СОНК гледаме партнер со кој треба заеднички да се залагаме за подобрување на состојбите и квалитетот во образованието. Токму оваа Влада има реализирано повеќе проекти во полза на образованието и на неговите вработени. На добар пат сме да продолжиме со инвестициите и реформите и се надевам дека СОНК ќе не поддржи во сите тие активности, истакна Адеми.