Издадена 13. обврзница за денационализација за обештетување на граѓаните
Министерството за финансии денеска ја издаде тринаесетата емисија на обврзници за денационализација во вредност од 10 милиони евра. Со овие обврзници треба да се обештетат сите решенија за денационализација кои станале правосилни од 01.01.2013 до 31.01.2014 година, а во кои како надомест се даваат обврзници.
Централниот депозитар за хартии од вредност на сопствениците на обврзниците на домашна адреса ќе им достави известување за личниот износ на емитуваните обврзници.
Како што информираат од Министерството за финансии, обврзниците за денационализација пред рокот за нивното достасување, граѓаните може да ги користат за акции и удели на претпријатијата кои ги поседуваше Агенцијата за приватизација на Република Македонија, а по престанокот на нејзиното работење преминаа во надлежност на други државни институции. Покрај тоа, може да се користат и за акции и удели на претпријатијата кои се резервирани за поранешните сопственици согласно Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, за плаќање на побарувања пренесени со закон на Агенцијата на Република Македонија за управување со средства, а кои се предмет на продажба. Исто така, може да се користат и за купување државен имот за чиј откуп е предвидена можност за плаќање со обврзници, за купување акции и удели на државен капитал во процесот на негова приватизација, за плаќање надомест за концесија на државен имот, купување или плаќање на закуп на државен имот и за плаќање обврски кои произлегуваат од Законот за денационализација.
Досега се издадени тринаесет емисии на обврзници за денационализација во вредност од 324 милиони евра.