Конференција за улогата на синдикатите во приближување на Македонија кон ЕУ

Учеството, активностите и улогата на синдикатите во борбата за имплементација на европското работно законодавство во македонското, позицијата и улогата на синдикатите во креирањето на социјалниот дијалог и негово приближување до европските стандарди, беа теми на конференцијата „Синдикатот во процесот на евроинтеграција на Република Македонија“, што  се одржа денеска во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија и Фондацијата „Фридрих Еберт“.

- Станува збор за исклучително значајна конференција во рамките на агендата на ССМ, како дел од подготовките за креирање на политиките за реализирање на европскиот социјален модел. Ќе разгледуваат активностите на синдикатот во рамки на телата каде што се вклучени, особено околу позицијата и улогата во Националниот совет за евроинтеграции, со цел да обезбедиме поттик и атмосфера за зголемени активности кои ќе значат побрз пристап кон ЕУ, изјави претседателот на ССМ Живко Митрески.

Истовремено, додаде, разговаравме и за начините, постапките и инструментите на кој начин тоа да го реализираме со социјалните партнери, особено со МТСП, односно, како што рече, обезбедување солидна основа многу подготвено да се дочека имплементирањето на европската работна легислатива.

Митрески смета дека во Македонија во изминативе години е постигнат напредок во примена на европската регулатива, особено како што посочи околу информирањето, консултирање за колективни отпуштања, позицијата на жените,...

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој имаше обраќање на конференцијата, смета дека таа е доказ за целокупното учество и значењето на синдикатите во Република Македонија во процесот на хармонизација на македонското законодавство во поглед на претпристапувањето кон ЕУ.

- Неспорна е улогата што ја имаат синдикатите како значаен фактор во целокупниот општествено политички живот, пред се во насока на заштита на правата на работниците. Во Македонија социјалниот дијалог е реаност, иако е факт дека ние не можеме по секоја цена и по секое прашање да бидеме комплетно усогласении со ставовите како трипартитен социјален совет во рамки на дискусиите, вели министерот Ристовски.

Тој, вели, е среќен што функционира економско социјалниот совет,  во кој, како што посочува, има репрезентативни синдикати и организации на работодавачи коишто одлучуваат соодветно и легитимно за правата на работниците и работодавачите.

Ние како Влада, додаде министерот Ристовски, ќе продолжиме да го мотивираме овој социјален дијалог и да бидеме активно учесници во него, затоа што само на тој начин може да се донесат поквалитетни закони без разлика на кого се однесуваат, дали на работниците или на работодавачите.