Попоски на Бледскиот стратешки форум
- Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска учествуваше на Бледскиот стратешки форум на кој во делот посветен на иднината на Западен Балкан, министри за надворешни работи, експерти и дипломати дебатираа како до подобра регионална соработка.
На дебатата беше истакната дека сите земји во регионот исправуваа историски неправди кои им биле нанесени во минатото. Секој својата.
- Денеска сме повеќе насочени едни кон други, поради слични интереси, економска логика и заедничка иднина, рече Попоски.
Во делот на излагањата за надминување на билатерални прашања во регионот, беше истакнато дека систематски се повторува во секоја прилика оти интеграцијата во Европа е врзана за принципи и вредности.
- Добро е тоа да се има предвид и кога земја членка притиска кандидат за непринципиелни отстапки кои се косат со сите вредности зад кои стои ЕУ и НАТО, порача Попоски.
Министерот Попоски ги најави и претстојните заложби на Република Македонија во 2015 година, во својство на претседавач со Централно европската иницијатива како една од најстарите и најпродуктивни регионални организации за подигање на регионалната соработка на едно поквалитетно и практично ниво, заедно со главните носители Италија и Австрија.