Пешевски: Соработка со странски туроператори за повеќе туристи
Соработката со странските туроператори е од исклучителна важност за Македонија при изнаоѓање нови пазари, можности и потенцијали за промоција и достојно претставување во областа на туризмот на глобално ниво.
Тоа го истакнал вицепремиерот Владимир Пешевски денеска на средба со претседателот на Светската асоцијација за активен туризам, Крис Дојл и учесници од караванот „Недела на авантури“.
На средбата се анализирани можностите за соработка со странски туроператори од Северна Америка и Западна Европа, соопшти Кабинетот на вицепремиерот Пешевски.
Овој вид соработка ќе придонесе за зголемување на бројот на странски туристи кои ја посетуваат Република Македонија, како и позиционирање на нашата држава како атрактивна дестинација на светската туристичка мапа, посочил Пешевски.
Ја потенцирал поддршката што Владата на Република Македонија ја дава за унапредување на туризмот, како и мерките преземени за зголемување на туристичкиот промет во нашата држава. Согласно целите на Стратегијата на развој на туризмот за привлекување странски туристи, истакнал, бројот на странските туристи во Македонија изминатите 8 години двојно е зголемен, односно за 98 проценти.
На средбата присуствуваа и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски, како и Карл Ларкинс, претставник на УСАИД.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија во соработка со проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси и Интернационалната Асоцијација за Активен Туризам (АТТА) организираа „Недела на авантури – Западен Балкан“, во која учествуваа 26 интернационални медиуми и туроператори. Целта на овој настан бешепрезентација на туристичките потенцијали на Република Македонија, како и отворање нови интернационални пазари за нашата туристичка понуда.