Нови рокови за увоз на автомобили
Во изминатите години Владата на Република Македонија донесе одлуки со кои се овозможи повластен увоз на автомобили од странство. Граѓаните во голема мера ја искористија оваа можност и го обновија сопствениот возен парк. Старите автомобили кои се употребуваа во минатото како што беа Југо, Застава 101, Застава 750, Фиат 1300 во голем обем се заменија со возила од марката Опел, БМВ , Мерцедес, Алфа Ромео и останати помодерни автомобили, кои од една страна имаат поеколошки мотори во однос на оние мотори на старите возила кои се користеа пред мерките и на тој начин придонесуваат за унапредување на животната средина во однос на оние стари автомобили, но и од друга страна тие увезени автомобили значително го подобруваат квалитетот на живот на семејствата затоа што тие автомобили кои се увезени имаат далеку повисоки стандарди за превоз, потрошувачка, удобност, комоција и сигурност.
Во текот на месец јули и август Владата и институциите правеа проценка на остварување на целите на мерката. Беше увидено и заклучено дека е постигнат социјалниот карактер на мерката и позитивно е унапреден и обновен возниот парк во земјата во однос на оној кој беше присутен пред воведување на мерката. Заради овие причини, и заради поентата за понатамошно преземање на мерки за дополнително унапредување на животната средина, Владата одлучи да се скратат роковите за можност за увоз на автомобили кои беа важечки претходно, а со кои се овозможуваше увоз на половни автомобили со стандард на моторите ЕУРО 2 и ЕУРО 3.
Со новите одлуки и измената на правилникот во Министерството за економија кој ја регулира оваа дејност и кој е стапен во сила, се воспостави можност увозот на автомобилите со ЕУРО 2 стандард да може да се врши наместо до февруари 2016 година кој беше стар рок, најдоцна до 31 декември 2014 година кој е нов рок, и во кој би се завршиле оние постапки за увоз на ваков вид на автомобили кои се веќе започнати.
Динамиката налага пак возилата со ЕУРО 3 стандард на моторот да може се увезуваат најдоцна до 30 јуни 2015 година, а од 1 јули 2015 година увозот на автомобили ќе биде можен само доколку истите ја исполнуваат минималната норма ЕУРО 4 стандард на моторот.
Целта е на овој начин и со оваа динамика постепено, но и во побрз рок, да дојде до повторна обнова на возниот парк на едно повисоко ниво, како што тоа се случи кога во минатото со претходните одлуки се изврши трансформација и замена на возилата кои беа без стандард, или со ЕУРО 0 или ЕУРО 1 стандард на моторите, со понови возила со ЕУРО 2 И ЕУРО 3 стандард на моторите.
Претходниот дел се однесуваше на автомобилите. Сега за автобусите. Ваква мерка за повластен увоз важеше во неколку наврати и за автобусите и минибусите и таа исто како и кај автомобилите, имаше позитивни ефекти:
-процентот на автобуси без ЕУРО стандард паднал од околу 45% на околу 15%,
-процентот на автобуси со ЕУРО 0 стандард паднал на 5,5%,
-процентот на автобуси со ЕУРО 1 стандард е 6,5%,
-процентот на автобуси со ЕУРО 2 стандард пораснал од претходните околу 20% на сегашни околу 55%, односно пораснал од 77 на 274 возила,
-процентот на автобуси со ЕУРО 3 стандард е 13%, односно бројот на возила пораснал за околу 20,
-процентот на автобуси со ЕУРО 4 стандард е 3%, и
-процентот на автобуси ЕУРО 5 стандард е 1%.
На последната седница Владата зазема политички став дека е потребно да се овозможи увоз на автобуси и минибуси кои имаат стандард ЕУРО 3, во рок на траење не подолг од една година од денот на носење на нормативната измена. Поентата на ваквиот став е да се овозможи реобнова на возниот парк како со претходните мерки, кога автобусите и минибусите без ЕУРО стандард, или со стандард ЕУРО 0 се заменуваа со автобуси и минибуси со стандард ЕУРО 2, сега со евентуалните нови измени кои се многу веројатни автобусите и минибусите кои сега имаат стандард ЕУРО 1 и ЕУРО 2 да се заменуваат со автобуси и минибуси со ЕУРО 3 стандард. Во периодот од следниве десетина дена Министерот за економија ќе направи финална консултација со засегнатите странки и со институциите, како и финална проценка за измена на правилникот кој ја уредува оваа дејност, со која евентуална измена која е доста извесна, би се предвиделе модалитетите, начините на овозможениот увоз, како и конкретниот рок на траење на ваквата можност.