Руска „Гришко“ со втора инвестиција во Македонија, нови 160 до 200 вработувања
Нови 160 до 200 работни места ќе се отворат со новата фабрика што ќе ја гради руската компанија „Гришко“.
Ова е втора инвестиција на руската компанија во Македониjа по првата фабрика за обувки за модерни танци што ја отвори во демирхисарското село Слепче.
Сопственикот на компанијата Николај Гришко денеска по средбата со премиерот Никола Груевски најави дека кон крајот на октомври очекува да почне реконструкцијата на објектот каде ќе биде сместена новата фабрика, а веќе од почетокот на идната година таа да профункционира.
Тој изрази задоволство од поволната бизнис клима и условите што им се нудат на странските инвеститори.
- Се надевам дека моето вложување во Македонија ќе заврши успешно. Работниците треба да ги учиме и обучуваме од почеток, бидејќи тие немаат искуство за ваков вид производство, истакна Гришко.
Тој додаде дека досега има инвестирано еден милион евра, но посочи дека средствата не се најважни, бидејќи инвестира во развој на Република Македонија.
- Јас за првпат се наоѓам во земја во која не е спомната корупцијата. Вие имате уникатна Влада. Денес премиерот Груевски, иако е повреден, дојде на средбата со мене и затоа му искажувам нему и на целата Влада посебна благодарност за помошта, додаде Гришко.
Првата фабрика во која се вработени 80 лица е отворена во март минатата година.