Тодоров во Копенхаген се сретна со регионалниот директор на СЗО за Европа, Јакаб

 

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во Копенхаген се сретна со регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Сузана Јакаб, јави известувачот на МИА.

- Импресионирана сум од големиот број иницијативи и активности кои ги презема министерот Тодоров особено во врска со развојот на националната стратегија за здравје 2020 во согласност со стратегијата на СЗО „Здравје до 2020 година“, напредокот во областа на животната средина и здравјето и во областа на јавното здравје. Сите овие иницијативи ја имаат поддршката од СЗО, изјави Јакаб по средбата.

Посочи дека со Тодоров разговарале за претседавањето на Македонија, и нејзиното лидерство со здравствената мрежа на Југоисточна Европа. Министерот Тодоров особена поддршка, нагласи Јакаб, има за иницијативноста и лидерството во неколку прашања во врска со оваа регионална соработка, а тоа се зајакнување на политиките за јавно здравје во Европа, развојот на човечките ресирси и јакнењето на здравствените системи во регионот.

- Ја прифатив поканата на министерот Тодоров да учествувам на утрешниот состанок во Копенхаген на министрите за здравство на државите-членки на здравствената мрежа на Југоисточна Европа, но исто така ја прифаќам поканата да учествувам на министерскиот состанок во организација и под водство на министерот Тодоров во Македонија, рече Јакаб.

Тодоров истакна дека на министрите ќе им предложат неколку иницијативи - првата е да се формира комитет или тим кој ќе биде секогаш во функција на помош на земјите кои се соочуваат со определени потешкотии или кризи, втората иницијатива е работа на стратегијата „Здравје 2020“, а третата е овозможување слободен регион во целата мрежа на ЈИЕ во која докторите и медицинскиот персонал ќе можат слободно да се едуцираат во рамки на зоната односно да има размена на доктори и слободно движење во поглед на едукација и тренинг.

Министерот за здравство утре ќе се обрати на на 64. сесија на Регионалниот комитет на СЗО за Европа, која почнува во главниот град на Данска, а на неа ќе учествуваат министри и високи претставници на 53 земји-членки на СЗО за европскиот регион, партнери и претставници на граѓанското општество. Тодоров утре ќе ја посети Универзитетската болница „Ригсхоспиталитет“ во Копенхаген, а вечерта пред претставници на неколку болници и осигурителни компании ќе ги презентира можностите за инвестиции во Република Македонија во слободните здравствени зони.