Доделени националните награди за општествена одговорност тело
Националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија денеска во Скопје на 21 македонска компанија им ја врачи Националната награда за најдобри општествено одговорни практики за 2013 година.
Во секоја од петте категории се додели награда за големо претпријатие и награда за мало или средно претпријатие. На најуспешните им беа врачени статуетки, а на оние со особено добри апликации плакети. Сите наградени имаат право да го користат логото на Координативното тело за општествена одговорност на своите производи и услуги со додавање на бројот 2013.
На конкурсот вкупно учестуваа 38 деловни субјекти со 56 апликации од кои 17 беа мали и средни претпријатија со вкупно 21 проект и 21 големо претпријатие со 35 проекти. За првпат аплицираа 10 претпријатија или 26 отсто од вкупниот број. Најголем број од претпријатијата кои аплицираа се од банкарскиот, ИКТ и металуршкиот сектор по пет, а потоа следат градежната и прехранбената индустрија со по четири. Наградените се избрани од страна на стручни жири комисии составени од претставници на јавниот и граѓанскиот сектор.
Во категоријата Однос кон вработени статуетка кај големите компании доби ЕВН Македонија АД Скопје, а кај малите и средни Принцез груп ДООЕЛ Гевгелија, додека со плакета се закитија Макстл АД Скопје која големите и Аксиома ДООЕЛ Скопје кај малите и средните. Во категоријата Етичко управување статуетка доби Фени Индустри кај големите, а кај малите и средни претпријатија не беше доделена награда. Во категоријата Односи на пазарот статуетки добија две големи компании В.В.Тиквеш АД Кавадарци и ЕВН Македонија АД Скопје, како и Микросам АД Прилеп кај малите и средни компании, додека плакета и беше врачена на Шпаркасе Македонија АД и Макстил АД Скопје кај големите и ПЗУ Ремедика Скопје кај малите и средни компании. Во категоријата Животна средина не е доделена статуетка кајголемите компании, а кај малите и средни добитник е Пакомак ДОО Скопје, додека плакета им е врачена на Цементарница УСЈЕ АД Скопје кај големите и Адора
Инженеријг ДООЕЛ Скопје кај малите и средни. Во категоријата Вложување во заедницата кај големите претпријатија статуетка за најдобри општествено одговорни практики доби НЛБ Тутунска банка АД Скопје, а кај малите и средни Дуна Компјутери ДОО Скопје, додека плакети им се врачени на големите фирми Алфа банка АД Скопје, Т-Mобиле Македонија АД Скопје и Тинекс МТ ДООЕЛ Скопје, а кај малите Раде Кончар ТЕП ДООЕЛ Скопје и на меѓународното училиште НОВА Скопје.
- Цел на доделувањето на наградата е да промовира позитивни практики на општествено одговорно делување и притоа да инспирира за воведување и понатамошно унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата во Македонија, рече во поздравниот говор министерот за економија Беким Незири кој им ги врачи статуетките на најуспешните.
Тој посочи дека концептот на општествена одговорност од година во година станува составен дел во деловната политика на субјектите во Република Македонија по примерот на европските компании.
- Со тоа тие директно ја подобруваат својата конкурентност во глобалната економија, ја зголемуваат додатната вредност на нивните производи и услуги, го подобруваат угледот и имиџот, ги мотивираат своите вработени и работат на долгорочен успех во бизнисот, рече Незири.
Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата се доделува седма година по ред, започнувајќи од 2008 година. Во изминатите години, македонските претпријатија пријавија 408 добри општествено одговорни практики, со кои ја покажаа својата грижа за општеството и животната средина.
Оваа година Националната награда е помогната од проектот „Општествена одговорност за сите“ што настојува да ја промовира општествената одговорност и да ја подигне свеста за нејзиното значење и важност.
Проектот има цел да ги развие капацитетите на организациите на работодавачи во врска со концептот на општествената одговорност во регионот на Југоисточна Европа. Проектен партнер од Македонија на овој проект, кофинансиран од Европската унија, е Бизнис конфедерација на Македонија.