Премиерот Груевски на средби со турскиот државен врв
Премиерот Никола Груевски денеска, во рамки на посетата на Република Турција, ќе се сретне со претседателот Реџеп Таип Ердоган и со својот колега, турскиот премиер Ахмет Давитоглу.
Груевски изминатите два дена учествуваше на бизнис форуми во градот Ескишехир, индустриската област Коџаели и Измит каде пред турските стопанственици беа презентирани поволностите што ги нуди Македонија за странските инвеститори, за отворање бизнис и нови работни места.
Според агендата, владината делегација предводена од премиерот во чиј состав се и министрите без ресор за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески и Фуркан Чако, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Климент Шекеровски, наредните денови ќе учествува и на бизнис форуми во Анкара, Адана и Мерсин.
Турција е меѓу 10-те најзначајни трговски партнери на Македонија. Во 2013 година се најде на 9. место, а странските директни инвестиции во последните две години изнесуваат 44 милиони евра. Турција спаѓа во групата брзо растечки економии во Европа, со пораст на бруто општествениот производ од четири проценти и е една од 20-те најголеми економии во светот. Водечката улога што ја има оваа земја во областа на изработката на елементи од автомобилската индустрија, електронските уреди, текстилот и градежните материјали ја прават атрактивна дестинација од која може да се преземат искуства, но и во која има потенцијални бизнис партнери кои размислуваат да го прошират својот бизнис надвор од границите на Турција.