Честитка од премиерот Груевски по повод денот на Бошњаците
Почитувани припадници на бошњачката етничка заедница,
Од име на Владата на Република Македонија, како и од мое лично име, дозволете ми да Ви пренесам искрени честитки и желби за мир, благосостојба и просперитет на Вас и Вашите најблиски по повод 28 септември, Меѓународниот ден на Бошњаците.
Континуитетот на одбележување на ваквите празници уште еднаш ја потврдува природата на нашето општество како култура на толерантни, инклузивни и добронамерни луѓе кои на верската и етничката разноликост гледаат како на придобивка и вредност, како и можност за зближување на граѓаните и единство. Силно почитувајќи ја Вашата посебност и идентитет, дозволете ми да Ве поздравам и да Ви посакам радосни празнични денови.
Меѓусебното почитување и вредностите што ги негуваме претставуваат одлична основа за заеднички ангажман на сите човечки ресурси со кои располага нашата држава. Успехот на поединецот е успех и на државата, а заедничките успеси гарантираат континуиран развој, стабилна, напредна и просперитетна Република Македонија, како наш заеднички дом, како дом на нашите деца и на сите идни генерации. Ние остануваме посветени на развојот кој треба да донесе заеднички успех и напредок на сите граѓани. Единството е тоа кое создава услови тој напредок да е реален и остварлив, а припадниците на бошњачката етничка заедница подеднакво придонесуваат и се составен дел од тие заеднички напори.
Уште еднаш, Ви го честитам големиот празник и Ви посакувам добро здравје, среќа и бериќет!
Со почит,
Никола ГРУЕВСКИ