Поставен камен-темелник на новата административна зграда на ЈП „Водовод и канализација“
ЈП „Водовод и канализација“ ќе добие нова административна зграда. Во објектот чија изградба почна денеска на истата локација каде беа и времените простории на ова претпријатие под Скопско кале, „Водовод и канализација“ инвестира 610 милиони денари. Рокот за изградба е три години.
Новата управната зграда ќе биде висока 21 метар со бруто површина од 5.326 метри квадратни. Ќе има пет ката и подземен паркинг на три нивоа, со капацитет за 115 возила.
Камен-темелникот го поставија премиерот Никола Груевски, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Тони Јаревски.
- Конечно старите и дотраени бараки кои постоеја на ова место ќе се заменат со нов и модерен објект кој ќе понуди нови услови за вработените и подобрена услуга за граѓаните, рече Груевски.
Тој потсети дека на оваа локација до пред извесно време беа старите бараки на претпријатието изградени веднаш по земјотресот во Скопје во 1963 година. Подложни на времето, посочи Груевски, тие го отслужија своето и конечно дојде време да се изгради нов објект.
- Како наша поддршка, Владата го отстапи земјиштето на кое ќе се гради објектот, со што Јавното претпријатие и Град Скопје почнаа да го градат овој објект. Со новата зграда ќе се решат многу технички проблеми на претпријатието, како што беше недостигот на простор и услови за нормално работење. Во исто време се очекува и подобрена услуга кон граѓаните и поефикасно извршување на обврските на претпријатието, наведе Груевски.
Според него, новата зграда ќе има и своја стилска фасада што естетски и целосно ќе се вклопи во новиот лик на Скопје и ќе биде дел од мозаикот на нови градби во главниот град. - Овој настан е доказ дека со заемна поддршка и соработка помеѓу единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатиа и државните институции можат да се направат многу проекти од потреба и значење за граѓаните, рече Груевски.
Трајановски истакна дека конечно вработените од ова претпијатие ќе добијат пристојни и современи услови за работа, што ќе овозможи подобрување на ефикасноста во работењето.
- Овој објект на ЈП „Водовод и канализација“ се гради во непосредна близина на новиот административен објект на градската администрација, со што дополнително ќе се олесни и комуникацијата со Град Скопје, нагласи Трајановски и додаде дека новата зграда е поставена во центарот на градот и е добро сообраќајно поврзана и лесно достапна за граѓаните.
Јаревски потенцира дека ЈП „Водовод и канализација“- Скопје информира дека објектот ќе има систем преку кој дождовницата ќе се собира во специјален подземен склад и ќе се користи за наводнување на зелените површини. Воедно новиот објект ќе биде енергетски ефикасен.
Фирмата која ќе ја гради новата управна зграда е Алпине Бау ГмбХ подружница Скопје.