Турска донација за АРМ, маскирна униформа и чизми во вредност од два милиона американски долари
Во Министерството за одбрана денеска беше извршено примопредавање на нова воено маскирна униформа и по 5.000 зимски и летни чизми за АРМ, турска донација во вредност од два милиони американски долари, со висок квалитет и целосно компатибилна со стандардите на НАТО.
Опремата ќе биде распоредена во единиците на АРМ согласно потребите и, како што нагласи во обраќањето министерот за одбрана Зоран Јолевски, ќе даде значителен придонес во интендантското опремување и модернизација на АРМ.
Донацијата, според Јолевски, е уште една потврда на традиционалното пријателство и одличната соработка со Турција, која како респективна членка на НАТО дава поддршка за Република Македонија на патот кон полноправното членство во Алијансата.
- Почнувајќи од 1996 година, повеќе од 700 припадници на АРМ и на МО имаа привилегија да се школуваат и обучуваат во престижните воени центри за обука на Република Турција и да стекнат знаења и вештини од највисок степен, рече министерот Јолевски, додавајќи оти воспоставеното пријателство меѓу двете земји е пример за тоа како треба да се соработува во регионот и пошироко.
Според амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, Омур Шолендил, односите во полето на одбраната се едни од најнапредните во рамки на билатералните односи меѓу двете земји. Вкупно до денес се потпишани 28 договори за воено-финансиска помош, а соработката е фокусирана на обуката и обезбедувањето логистичка поддршка кон АРМ. Помошта во обука, посочи, се реализира во рамки на потпишаниот Договор за воена обука и соработка од 1994 година.
- Република Турција со својата увереност дека Република Македонија во срцето на Балканот претставува клучна земја за мирот и просперитетот на регионот, силно ја поддржува територијалната целовитост и политичко единство и се повеќе во секоја платформа ја јакне поддршката кон зачленувањето на Македонија во евроатлантските структури, истакна амбасадорот Шолендил.
Тој потсети дека од 1998 година досега, повеќе од 100 припадници на АРМ се обучувани во Воената академија и Воената школа ГАТА и други школи по родови.