Одбележани „Денови на приватното обезбедување 2014“
Со промоција на современ Обучен и испитен центар за кадрите од областа на приватното обезбедување и „Коментар на законот за приватно обезбедување“ во издание на Комората, денеска беа одбележани „Денови на приватното обезбедување 2014“.
„Коментарот“, нагласи министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која присуствуваше на одбележвуањето, значи појаснување на сите законски одредби со реални ситуации во праксата, кои, подвлече, во голема мера ќе им помогнат на работниците во делот на приватното обезбедување во нивното секојдневно спроведување на Законот.
- Од крајот на оваа година се воведува и сосема нов систем на проверка на знаењето што подразбира електронско полагање на тестови, со милиони комбинации. Тоа значи дека практично се сведува на невозможно какво било субјективно делување во процесот на носење на одлука дали испитот е положен или не, појасни Јанкулоска додавајќи оти со ваквиот начин на полагање на испитот пред се им се олеснува и овозможува на кандидатите на објективен начин нивното знаење да биде проверено и оценето, а се промовира и повисок систем на квалитет во делот на обуката и на проверката на знаењето.
Верица Милеска - Стефановска, претседател на Комората за приватно обезбедување на Република Македонија, информира дека согласно евиденцијата од Централниот регистар околу пет илјади лица се вработени во дејноста приватно обезбедување, а МВР има издадено околу 190 дозволи за работа, од кои согласно евиденцијата на Комората, работат 59 Агенции за обезбедување.
Таа меѓу другото нагласи дека денеска во рамки на одбележувањето ќе се официјализира соработката со Филизофскиот факултет-Скопје, а во негови рамки и Институтот за безбедност, одбрана и мир и ќе се потпише меморандум за соработка, пред се заради размена на научни и стручни знаења и искуства, меѓусебна поддршка и помош, како и вложување заеднички напори за унапредување на дејноста.