Бесими-Цикотиќ: Одлична билатерална соработка во одбраната и одлична основа за нејзино продлабочување
Одлична билатерална соработка во полето на одбраната и одлична основа за нејзино проширување и продлабочување во иднина, како на билатерален, така и на регионален план, но и во однос на евроатлантските интеграции, е заедничкиот заклучок на министрите за одбрана на Република Македонија и на Босна и Херцеговина, Фатмир Бесими и Селмо Цикотиќ, по нивната средба денеска во Скопје.
На средбата е потврдено дека евроатлантските интеграции се најдобрата алтернатива за одржлив мир и развој во регионот.
Бесими и Цикотиќ најавија потесна соработка на министерствата за одбрана и тоа искористување на искуствата на БиХ во однос на техниките за деминирање, додека пак Македонија е отворена за обука на нивни питомци во Воената академија, размена на искуства, но и искористување на регионалните центри за обука и тренинг во Скопје и АП „Криволак“.
Македонскиот министер за одбрана информира дека било разговарано и за концептот „smart defence“ - паметна одбрана, кој може да се стави и во функција за јавните набавки за модернизација на одбраната на сите земји во регионот согласно стандардите на НАТО.
- Да обезбедиме потранспарентен и поефикасен начин, модернизација на јавни набавки во одбраната на земјите во регионот. Тоа највероајтно ќе биде тема за дискусија на состанокот на Јадранската група - А5, што оваа недела треба да се одржи во Драч, рече Бесими.
Министерот за одбрана на БиХ потенцира дека во рамки на билатералната соработка Македонија треба да продолжи и да ја зајакне соработката во Центарот за мировни операции во Сараево.
- Просторот на Балканот на кој се наоѓаат БиХ и Македонија може да стане не периферија на Европа како што сега е случајот, туку значајна шанса за Европа, да претставува линк меѓу Европа и Азија, медитеранот и срцето на Европа и регионот на Јадранот и црногорското подрачје, изјави министерот Цикотиќ.
Во врска со пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, по барање на новинарите министерот Бесими истакна дека Република Македонија има јасна стратешка, а тоа се евроатлантските интеграции, односно членството во НАТО и ЕУ. Таа определба, подвлече, е конзистентна, многу силна и има над 90 проценти поддршка од граѓаните на Република Македонија. На тој пат, истакна Бесими, Македонија оди сигурно и со сите потребни реформи.
- Во оваа прилика не треба да гледаме победници или губитници. Треба да гледаме уште една шанса, уште поконструктивен пристап од двете страни за надминување на овој предизвик кој во иднина треба да биде една наша предност во релациите меѓу Македонија и Грција да се зајакне меѓусебната доверба. Во крајна истанца тоа е смислата на целата евроатлантска интеграција како концепт на светско ниво, зајакнување на меѓусебната доверба на земјите-членки во тие институции, рече Бесими, и додаде дека Република Македонија е добар и релевантен партнер и земја која сака мир, соработка и конструктивност така што доколку Македонија и земјите од регионот станат членки на НАТО добиваат сите во регионот.