Ставрески: Средствата од ЕБОР потврда за перспективите на македонската економијата
Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој вчера и одобри на Република Македонија 305 милиони евра за финасирање на инфраструктурни проекти од кои 145 милиони евра за втората фаза од железничката пруга кон Бугарија, односно Бељаковце - Крива Паланка и 160 милиони евра за Програмата за национални патишта.
- Средствата се добиени под исклучително поволни услови - 15 години рок на враќање со четири години грејс период и каматна стапка од само 1,16 проценти. Тоа е уште една потврда од страна на Европската банка за обнова и развој на вкупните политики и на перспективите на македонската економија, изјави вицепремиерот и министер за финасии Зоран Ставрески.
Тој посочи дека со 145-те милиони евра кои ги одобри ЕБОР за изградба и реконструкција на постоечките делови од железничката пруга од Бељаковце до Крива Паланка, се обезбедени сите потребни средства за реализација на овој, како што рече, значаен стратешки проект за Република Македонија кој ќе отвори нов коридор за македонското стопанство и за граѓаните.
- Вториот дел од средствата во износ од 160 милиони евра се наменети за изградба и реконструкција на патишта и со него ќе бидат опфатени четири патни правци. Во првата фаза ќе се реализира патот од Градско до Прилеп во најлошиот дел кај Дреновската клисура каде по комплетно нова траса ќе се изгради експресен пат со што Прилеп и Битола ќе добијат одлично поврзување со автопатот и со Скопје, рече Ставрески.
Прецизира дека покрај овој пат, предвидено е и изградба на експресен пат од Штип до Кочани со по две ленти во еден и друг правец, како и експресен пат од Охрид до Пештани кој ќе се гради над постоечкиот пат со што ќе се избегне гужвата во летниот период во плажите покрај Охрид. Патот, како што рече, ќе биде со по две ленти во еден и друг правец и излезни патишта кон плажите и населените места. Со овие средства предвидено е да почне и изградбата на автопат од Требеништа кон Струга со што и граѓаните од тој дел на земјава ќе добијат можност да бидат поврзани со автопат.
- Со ваква сериозна инвестициска дејност во делот на патиштата и на железницата ќе дадеме поддршка на краток рок за македонското стопанство и за македонските фирми кои ќе бидат ангажирани при изградбата, а на подолг рок ќе обезбедиме поголема конкурентност на македонската економија и подобри услови за граѓаните и во источниот и во западниот дел на Република Македонија, потенцира Ставрески.