За 1,5 година електронска наплата на патарини на Коридорот 10
За година и половина наплатата на патарините долж Коридорот 10 треба да се одвива комплетно електронски преку бесконтактни смарт-картички и микробранови транспондери со кои возачите ќе можат да поминуваат со намалување на брзината на движење без застанување.
Инвестицијата од 18,7 милиони евра во модернизација и воведување електронски систем на наплата на патарините ќе ја реализира турската компанија „Аселсан“. Договорот го потпишаа денеска потпретседателот на „Аселсан“ Суад Бенгур и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски во присуство на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Со договорот е предвидена и реконструкција, проширување и модернизација на постоечките наплатни станици на Коридорот 10: Петровец, Сопот и Отовица, дислокација, модернизација и удвојување на наплатните ленти на станиците Романовце и Градско, како и изградба на две нови наплатни станици кај Демир Капија и Гевгелија.
Вицепремеирот Ставерски истакна дека потпишувањето на договорот е уште еден исчекор на Владата во насока на вложување во транспортната инфраструктура и тоа токму на најзначајната транспортна артерија низ Македонија - Коридорот 10 низ кој минува 70 проценти од вкупната трговија на стоки низ државава.
Токму поради значењето на овој Коридор, истакна, се реализира овој проект со кој ќе се обезбеди современ и ефикасен начин на наплата на патарина и побрз транспорт. - Значајно е што Романовце и Градско кои сега претставуваат тесни грла, покрај тоа што ќе добијат современ начин на наплата, ќе бидат и проширени. Таму моментно има пет ленти, а одвреме навреме особено за празници се создава долга колона. Со реализиацијата на овој проект наместо пет ќе има десет ленти и на тој начин патниците и превозниците ќе минуваат многу побрзо, рече Ставрески.
Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, новиот начин на наплата ќе биде многу поедноставен, ќе се избегне метежот во летниот период, но и ќе се зголемат приходите од наплатата што ќе бидат вложени во изградбата на инфраструктурата.
И покрај тоа што ќе се воведе автоматизиран начин на наплата со целосно исклучување на човечкиот фактор, укажа, ниту еден вработен во Јавното претпријатие нема да остане без работа. Вработените воопшто нема да бидат вклучени во наплатата на патарините затоа што самиот систем не се базира на кеш. Смарт картичките ќе се полнат на наплатни пунктови во близина на патарините и сигурно дека ќе има вклучени лица во сервис, наведе Јанакиески.
Картичките за плаќање, во пост пејд и при пејд варијанта, во прво време ќе се купуваат на граничните премини, а во иднина ќе бидат во дистрибутивната мрежа низ Македонија. Се планира и воведување можност за нивно полнење преку мобилен телефон.
Цената на патарините во Македонија не зависи од воведувањето на овој систем, рече Јанакиески, истакнувајќи и дека со модернизацијата и проширувањето двојно ќе се зголеми капацитетот на патарините секаде каде има тесни грла особено во летниот период. Поради планираната изградба на експересниот пат Градско-Прилеп следната година, ќе се дислоцираат наплатните станици Романовце и Градско и тоа ќе бидат нови патарини. Со изградбата пак на новиот автопат Демир Капија - Смоквица е планирана изградба на две нови патарини пред Гевгелија и кај Демир Капија, појасни Јанакиески.
Од Јавното претпријатие за државни патишта од изградбата, очекуваат новиот систем и патарини да овозможат брз проток на возила, однсоно времетраењето на поминување на наплатните станици да биде сведено на минимум. - Моментно наплатата е подобрена за 40 проценти, но важно е што ќе се избегне човечкиот фактор, а претпоставувам дека сигурно има некави пропусти од редот на нашите вработени и тоа да се намали. Со комплетно исклучување на човечкиот фактор и средствата ќе бидат без можност за манипулација, рече Георгиевски.
Според потпретседателот на фирмата „Асасан“, системот кој треба да го спроведат е веќе применето решение во пракса за автоматска наплата на патарини и се користи повеќе од 15 години во услови на густ сообраќај во Турција.
- Системот што ќе се спроведе во Македонија е уште понапредна верзија на овој систем. „Асесан се надева дека проектот исто така ќе помогне за унапредување на и онака добрите односи помеѓу двете држави, рече Бургур.