Ставрески: Индустриската зона во Кратово готова до средината на 2015 година
Индустриската зона во Кратово, еден од крупните инфрастриктурни проекти финансиски поддржани од Владата, ќе биде готова до средината на 2015 година, изјави во Кратово вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски .
Тој вчера по средбите со градончалникот Мите Андоновски и советниците во Општината најави дека следните две години ќе бидат години на поинтензивни инвестиции во инфраструктурата на кратовската општина.
- Индустриската зона во кругот на фабриката „Иднина-Змеј“ треба да биде готова до средината на следната година. Таму ќе може бизнисмените да инвестираат во нови погони и да отвораат нови работни места. Со градоначалникот и советниците разговаравме за можноста за изградба на паркинг и градски пазар и тука ќе обезбедиме финансиска поддршка. Се изготвуваат проектите и очекувам до крајот на следната година да имаме реализација. Исто така, спортската сала во училиштето „Кочо Рацин“ е еден од приоритетите на Владата, очекувам во 2015-та таа да влезе во програмата и да почне реализацијата. Наскоро ќе заврши изградбата на фудбалското игралиште, а секако има и други проекти кои општината ги реализира, така што следните година-две ќе бидат години на поинтензивен економски развој и поинтензивни инвестиции во инфраструктурата на општина Кратово, рече Ставрески.
Градоначалникот Андоновски покрај веќе завршените проекти во општината, најави отпочнување на нови инфраструктурни зафати.
- Оваа година, благодарение на помошта од Владата, асфалтиравме и изградивме неколку локални патни правци во селата Трновац, Туралево, Вакав и Шопско Рударе. Во селото Каврак асфалтиравме 3,2 километри пат за да ја поврземе општината Кратово со општина Пробиштип и браната „Злетовица“. Следната година ќе продолжиме со изградба на нови патни правци, како и други инфраструктурни проекти, за кои обезбедивме финансиска поддршка од Владата. Секако, ќе бараме и други извори на средства како ИПА фондовите за меѓугранична соработка, донации од амбасади, Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, со цел пред граѓаните да го реализираме тоа што сме го ветиле, рече Андоновски.
Вицепремиерот Ставрески присуствуваше и на завршетокот на работите на сананцијата на свлечиштето во Кратово, проект за кој Владата одвои 58 милиони денари.