Груевски-Ал Басам: Саудискиот фонд за развој подготвен за поддршка на инфраструктурни проекти
Претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски денеска (недела, 14 декември 2014 година) во рамките на посетата на Кралството Саудиска Арабија, во Ријад оствари средба со директорот на Саудискиот фонд за развој, г-дин Јусуф Бин Ибрахим Ал Басам.
Саудискиот фонд за развој е финансиран и основан од страна на државата Саудиска Арабија, и е насочен кон финансирање на проекти чија цел е потикнување на развојот и унапредување на соработката.
На средбата се разговараше за можностите за продлабочување на економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите.
Премиерот Груевски изрази задоволство што има прилика да ја посети Саудиска Арабија и истакна дека постојат можности двете држави да работат на искористување на потенцијалите особено во сферата на економијата. Тој го запозна соговорникот со мерките и реформите кои ги превзема државата за поттикнување и одржување на економскиот развој, насочени кон привлекување на странски инвестиции и финансирање на проекти од инфраструктурен карактер. Премиерот посочи дека Република Македонија во моментот е насочена кон инвестирање и изградба на три автопати и нова железничка линија за поврзување со источниот сосед Бугарија. Истовремено истакна дека земјата инвестира и вложува во полето на медицината, земјоделието и образованието.
Директорот на Саудискиот Фонд за развој, Јусуф Бин Ибрахим Ал Басам го запозна премиерот Груевски со активностите на работа на Фондот и изрази подготвеност за соработка и поддршка на проекти од различни сфери.
„Имав задоволство да се сретнам со премиерот Груевски и можност да му ги објаснам активностите на Саудискиот фонд за развој кој е главниот канал со саудиската Влада за помагање на развојот на државите. Фондот е основан во 1974 и интернационално сме активни во 80 држави. Главно сме насочени кон помагање на инвестициите во инфраструктурни проекти, образование, здравство, земјоделие, недвижности. На средбата што ја имав со премиерот и неговиот тим ни ги објаснија плановите за развој во повеќе сфери и нивните приоритети и проекти, и можноста за поддршка при нивната реализација”, изјави Ал Басам.
Ал Басам додаде дека се надева на соработка особено во сферата на инфраструктурата искористувајќи ги расположливите потенцијали.