Премиерот Никола Груевски се сретна со претставници на Движењето против хендикеп Полио плус
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (понеделник, 03.10.2011 година) оствари средба со претставниците на Движењето против хендикеп Полио плус.На средбата беа дискутирани теми од значење за општествената група која ја претставува Движењето. Премиерот Груевски ја реафирмираше заложбата на Владата на Република Македонија за континуирано спроведување мерки и активности со кои се помага во подобрување на статусот на општествената група, како и посветеноста за обезбедување на нејзините права и интереси.
Претставниците на Полио плус беа известени дека владината постапка, во однос на нивното барање, за ратификација на Конвенцијата за заштита на правата на лицата со хендикеп ќе биде реализирана до крајот на 2011 годината.
Претставниците на Полио плус ја истакнаа нивната иницијатива за изготвување на Закон за права и достоинство на лица со хендикеп, со кој што би се промовирале и гарантирале правата на лицата со хендикеп. Претседателот на Владата ги информираше дека за таа цел, во Министерството за труд и социјална политика, ќе биде интензивирана работата на комисијата за подготовка на овој закон, во чии рамки ќе бидат активно вклучени претставници на Движењето со што би можеле конструктивно да придонесат во квалитетот и решенијата кои ќе ги содржи законското решение.
Соговорниците разговараа и за други теми кои се предмет на интерес на општествената група на лицата со хендикеп, во насока на поголема вклученост во општествените процеси, гаранција на стандардите кои се предвидени на меѓународно ниво, подобрување на можностите, и подобрување на статусот на лицата со хендикеп.