Mакедонија победи во случајот против Грција пред судот во Хаг
Во својата пресуда, Судот го прифати аргументот на Република Македонија дека Грција го прекршила членот 11, став 1 од Времената спогодба од 1995 година кога приговорила на зачленувањето на Република Македонија во НАТО во април 2008 година.
Оваа историска пресуда од Судот значи дека Грција не може законски да се спротивстави на членството на Република Македонија во НАТО. Покрај тоа, со пресудата на Судот се расчистува голема пречка за идните преговори на Република Македонија за членство во ЕУ.
Поздравувајќи ја пресудата на Судот, Никола Попоски, министерот за надворешни работи, изјави:
„Република Македонија ја поздравува пресудата на Судот, со којашто се спречува Грција да ги продолжи нејзините обиди да го блокира зачленувањето на мојата земја во НАТО и Европската унија.
Оваа постапка ја покренавме во ноември 2008 година, откога Грција се спротивстави на нашиот прием во НАТО на Самитот во Букурешт. Го покренавме овој случај за да ги заштитиме нашите права од Времената спогодба од 1995 година и му ја искажуваме нашата благодарност на Судот за јасната пресуда дека приговорот на Грција беше незаконски. Оваа пресуда е важна бидејќи Грција се закани дека ќе постапи на ист начин во контекст на ЕУ.
Иако овој случај не го засегаше прашањето за името, Република Македонија останува силно посветена на изнаоѓањето трајно и заеднички прифатливо решение за разликата за името со Грција. Република Македонија ќе продолжи да учествува со добра верба во преговорите за името под покровителство на генералниот секретар на Обединетите нации, како што учествуваше и во текот на изминативе три години, и покрај негативните постапки на Грција со блокирањето на нашето членство во НАТО. Република Македонија го има најголемиот можен интерес да се изнајде конечно решение за разликата за името, под чија сенка живее веќе дваесет години.
Република Македонија останува цврсто посветена на владеењето на правото и зачленувањето во НАТО и ЕУ. Одлуката на Судот претставува чекор напред на патот до членство. Очекувам дека Грција ќе дозволи да се зачлениме во НАТО, во согласност со нејзините обврски според меѓународното право и со поддршка на останатите членки на НАТО.“