„Дијатек“ отвори фабрика во Македонија, инвестиција од 10 милиони евра и 200 вработувања
Италијанската компанија „Дијатек“ која е глобален лидер во технологијата на дигитално печатење денеска ја отвори фабриката „Макдиа“ во Македонија.
Фабриката е лоцирана во Технолошко-индустриската развојна зона Бунарџик и во неа веќе се вработени 35 лица, а се очекува бројот на вработени да се зголеми на 200. Вкупната инвестиција се проценува на околу 10 милиони евра.
„Макдиа“ ќе се произведува производи за печатната и текстилната индустрија, а најголем дел од производството ќе бидат наменето за извоз пред се на пазарите на Источна Европа, Турција, Персискиот залив и Северна Африка.
На отворањето на фабриката присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и италијанскиот амбасадор во земјава Масимо Белели.
Премиерот Груевски во своето обраќање оцени дека бројот на инвестиции во Македонија продолжува и оти мерките што Владата ги презема за подобрување на бизнис климата од година во година резултираат со се поголем број на компании кои градат фабрики во државата.
- Технолошко-индустриските развојни зони во Скопје се само симбол на тоа како од ништо може да се направи нешто, како од зелена ливада може да се направи цел комплекс на фабрики....Бројот на инвеститори во овие зони континуирано расте. Тука се Вистеон, Џонсон Мети, Технокозе, Кемет електроникс, Ванхул, а од денес официјално и новата фабрика на Дијатек, рече Груевски, додавајќи дека една од придобивките од отворањето на новата фабрика ќе биде и директното зголемување на извозот од Македонија.
Тој додаде дека отворањето на оваа фабрика е еден од многуте примери во кои македонската дијаспора асистира во привлекувањето на странските инвеститори во Македонија.
- Тоа е јасен доказ дека врските со татковината се силни и дека дијаспората постојано мисли и помага за Македонија. Токму затоа и треба да ги продлабочуваме нашите врски со дијаспората на институционален, економски, политички и на секаков друг план, истакна Груевски.
Според него, оваа италијанска компанија ги препознала сите оние квалитети на кои Владата работи години наназад како што се погодната законска регулатива, даночните олеснувања и рамниот данок.
Вицепремиерот Пешевски нагласи дека Македонија е избрана како земја за инвестирање во конкуренција на Германија и Србија.
- Со отворањето на фабриката „Макдиа“, Македонија се придружува на земјите каде „Дијатек“ веќе има фабрики, а тоа се Италија, Германија, Швајцарија и САД што укажува дека на некој начин по условите што ги имаме стоиме рамо до рамо со овие држави, рече Пешевски.
Италијанскиот амбасадор во Македонија и сопственикот на „Дијатек“ Диего Мосна оценија дека една од причините зошто компаниите инвестираат во Македонија се добрата местоположба, политичката стабилност и поволните услови за инвестирање.
Договорот со „Дијатек“ беше потпишан во март годинава. Фабриката на оваа компанија е седмата фабрика што е отворена во ТИРЗ Бунарџик.
Италија и Македонија покажуваат добра економска соработка, односно официјалните податоци покажуваат дека вкупната трговска размена во првите седум месеци од годинава е над 300 милиони евра што Италија ја рангира на шестото место мегѓу најдобрите економски соработници на Македонија.