Елизабета Канческа-Милевска: Бенефитот од културата треба да го имаат сите граѓани
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари средба со директорите на националните установи од надлежност на Министерството за култура лоцирани во Битола, како и со градоначалникот Владимир Талески.
Министерката Канческа-Милевска оцени дека директорите национални установи Завод и Музеј, Народен театар, Центар за култура, Универзитетска библиотека и новоформираниот Музеј на албанската азбука во Битола, успешно и со голема посветеност ги извршуваат своите обврски.
- Со НУ Завод и Музеј в година ќе реставрираме три нови фасади, а планираме да го отвориме и галерискиот простор во Јени џамија. Во битолскиот театар констатирав дека годинава реализирале дополнителни три премиерни претстави, а со инвестиции ќе продолжиме во Центарот за култура, Универзитетската библиотека и во Музејот на албанската азбука каде ќе подготвуваме голема музејска поставка и ќе ја промовираме следната година, истакна Канческа-Милевска.
На денешната средба со новинарите во Битола министерката за култура посочи дека еден од приоритетите на Министерството за култура е културниот развој на локално ниво.
- Во културната политика на Министерството, еден од приоритетите е локалниот културен развој. Бенефитот од културата треба да го имаат сите граѓани и затоа освен проектите на националните институции, ние ги поддржуваме локалните проекти, граѓанските организации и проекти на поединци, односно дисперзија на културата во сите градови каков што е проектот „Топол културен бран“. На 20 јануари ќе ја објавиме годишната програма на Министерството за култура во која ќе биде истакнат богат културен мозаик од проекти, рече Канческа-Милевска.
На заедничката средба меѓу министерката за култура и градоначалникот Владимир Талески беше потврдено дека меѓу локалната самоуправа, Министерството за култура и националните установи од областа на културата во овој град постои ефективна и флуидна соработка.
- Во 2012 година ќе ја почнеме реконструкцијата на киното на браќата Манаки -„Балкан“, на Широк сокак со оригиналната фасада, а внатрешната опрема, восочни фигури на Јанаки и Милтон Манаки, како и други содржини ќе договориме со Кинотека на Македонија, истакна Талески.
Престојот на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во овој град ќе биде заокружен со нејзино присуство на вечерашната премиерна претстава „Јане Задрогаз“ од Горан Стефановски во режија на Љупчо Ѓоргиевски во НУ Народен театар-Битола.