Во следната година Владата останува фокусирана на препораките од ЕУ, најави премиерот Груевски
Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека Владата во наредната година ќе остане фокусирана на сите препораки и забелешки кои беа наведени во Извештајот од Европската унија за во иднина да се забележи напредок во сите области, тргнувајќи од политичкиот и економскиот дел.
- Извештајот е една насока како понатаму да работиме и ни дава нови идеи за прогрес, реформи, модернизација и подобрување, така што во тој правец, што се однесува до реформите, со силна диманика и темпо ќе продолжиме да работиме, како и досега и ако може и уште повеќе од тоа, рече Груевски во изјава за медиумите по посетата на ЈУ Детската градинка „25 Мај“ во Гази Баба, клон „Сонце“, во која се имплементира проектот „Мозaик“.
Во изминатите недели, како што рече, се работеше на подготовка на таканаречена НПА-програма, со која Владата ќе работи во наредните месеци.
- Во програмата практично се инкорпорирани сите препораки, забелешки и слабости што ги имаше во Извештајот од ЕУ. Внимателно се работеше на подготовките и имаше меѓуресорски координации. Ова прашање денеска е на седница Владата и се надевам оти преку дискусија ќе го прифатиме и подоцна ќе биде упатено до Парламентот, изјави Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање за судските реформи во државата, премиерот истакна дека минатиот декември Парламентот прифатил огромен пакет судски закони кои се имплеметираат постепено годинава и треба да се имплементираат и следната година, а досегашните реформи, смета Груевски, се одвивале на високо ниво.
- Целосно сме фокусирани да ги спроведеме овие закони како што се замислени. Има многу добри компоненти во овие закони, меѓу нив е електронската достава која значително ќе ги забрза работите, Законот за парнична постапка кој веќе стапи на сила и дава многу добри резултати, а според информациите кои ги добиваме од судовите имаме сериозно забрзување на постапките, што е една од слабостите во Република Македонија, нагласи Груевски.
Премиерот потенцираше оти од септември, откако се применува Законот за парнична постапка се забележува големо забрзување на предметите, иако има сегменти во Законот што се уште целосно не се применети, но се работи и на тоа.
- Покрај овој Закон, значаен е и Законот за судовите, но и Законот за судскиот совет, така што овие три се столбовите на реформите кои постепено се спроведуваат. Се разбира, доколку се појави идеја за дополнителна измена на законите, тоа ќе го направиме во текот на наредниот период, но главниот фокус треба сега да биде на спроведувањето на она што сме го донеле како закон, истакна Груевски.
Во минатите години, според него, забележан е значаен напредок на однос на бројот на намалени предмети кои чекаат во судска постапка, а значаен прогрес е постигнат во однос на намалување на заостанатите предмети. Според премиерот, доколку се продолжи со ваква динамика има шанса да се дојде во период во кој за многу кратко време ќе се одлучуваат предметите, што практично било цел на реформите.