Средба на премиерот Заев со амбасадорката Бабиќ: Република Македонија и БИХ ќе ја интензивираат соработката што ќе донесе олеснувања за граѓаните на двете земји
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со Лепа Бабиќ, амбасадорка на Босна и Херцеговина во Република Македонија.
На средбата се разговараше за интензивирањето на соработката помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, што почнува со претстојната официјална работна посета на висока делегација, предводена од премиерот Заев во сабота во Сараево.
Констатирано е дека по формирањето на новата демократска Влада во Македонија, создадени се услови за продлабочување на соработката во повеќе области, од интерес за граѓаните на двете држави.
Станува збор за меморандуми за соработка што ќе донесат олеснувања за земјоделците и во областа на културата.
Во периодот што престои разгледани се можностите за договори околу меѓусебно признавање на возачките дозволи, овозможување на граѓаните на двете земји да влегуваат во државите со лични карти, поголема соработка во областа на образованието преку размена на студенти и професори, продлабочување на економската соработка преку формирање бизнис клуб. Од двете страни, сериозно се разгледува можноста и за отворање авиолинија на релација Скопје – Сараево.
Амбасадорката Бабиќ соопшти дека постои голем интерес од бизнисмени од Босна и Херцеговина за инвестирање во Македонија, кои во демократските промени во Македонија и најавените реформи на Владата гледаат услови инвестирање во државава.
„Владата на Република Македонија и јас како премиер сме сериозно определени кон градење добрососедски односи и развивање на меѓународната соработка, затоа што тоа ќе придонесе кон квалитетен живот на граѓаните на Македонија. Исто така, преку добрата соработка, регионот испраќа порака дека постои посветеност и подготвеност за реализација на обврските потребни за евро-атлантските интеграции, коишто се и наша заедничка иднина“, рече премиерот Заев.
На средбата е изразена согласност дека стратешки интереси за Република Македонија и за Босна и Херцеговина, како и за целиот регион се целосна интеграција во Европската унија и во НАТО.