Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски пред почетокот на конференцијата која е во организација на Институтот за комуникациски студии (ИКС) на тема „Одговорни институции преку зголемена транспарентност и политичка комуникација“ на новинарско прашање како ја оценува оставката на Дамева, изјави дека овој процес треба да биде динамичен, односно секој оној којшто нема да ги исполни очекувањата треба да биде чесен и да замине.
„Јас не би го гледал тоа дека е некаков почеток или некаков крај. Мислам дека овој процес треба да биде динамичен, односно секој оној којшто нема да ги исполни очекувањата треба да биде чесен и да замине. Без разлика каква е неговата улога во општеството.
Ценам дека овој Судски совет и ценам дека судството и обвинителството заедно со оваа доверба што ја имаат во граѓаните, не успеаја. И ова не треба да биде исклучок, ова треба да биде правило во иднина дека секој оној којшто нема да ја оправда довербата на граѓаните, треба да замине, без разлика која улога во општеството ја има“, подвлече Мицкоски.
Тој го истакна своето очекување обвинителите да имаат поголем фокус да имаат во справувањето со криминалот и корупцијата.
„Така што, очекувам малку поголем фокус да имаат во справувањето со криминалот и корупцијата, но тоа пред се важи за обвинителите коишто сред акции кога треба да потпишат налог за претрес или приведување, ќе повторам, добиваат главоболка, повишена температура, грчеви во стомакот, дијареја и анксиозност.
Во однос на прашањето дека Државниот јавен обвинител се одзвал на прозивката дека ќе извршат реорганизација во Јавното обвинителство и дека ќе пристапат кон поважните предмети, премиерот Мицкоски изјави:
„Јас не би сакал да го коментирам Државниот јавен обвинител, бидејќи често пати бев прашуван, имате комотно мнозинство, зошто не постапувате како што постапувале, во минатото владите кога биле избрани. Јас давав одговор дека сакаме да дадеме шанса на процесот и да видиме дали можеме конечно правдата да ја добиеме. Граѓаните со право се лути на Владата зошто не постапуваше до сега, бидејќи логично е дека граѓаните мислат дека ние како Владата треба и да обвинуваме и судиме.
Тоа не е наша политика, можеби на некои минати влади, но на оваа Влада тоа не е политика. Ние можеме преку истражните органи, Финансиска полиција, Управата за јавни приходи, МВР итн да подготвиме случај и да му го дадеме на Обвинителството. Обвинителството е тоа коешто поднесува пријава, а подоцна, доколку Судот ја прифати, суди. Не е тоа државата и тоа на памет не ми паѓа, ниту некогаш ќе го правам.
Јас само упатив многу пораки во јавноста и ќе продолжам да упатувам кон овие две институции и обвинители и судии, да си ја работат својата работа. Да не бидат партнери со криминалците без разлика дали се тоа политички или вистински криминалци од улиците. Туку да се борат против криминалот и корупцијата. И конечно очекувам да почнат да си ја работат работата и да ја заработуваат платата којашто им ја даваат македонските граѓани, а не е мала“.