Премиерот Заев во Мостар доби награда за мир за новата енергија и визија што ја поттикнува во регионот, Република Македонија и БиХ испратија силна порака за соработка и соживот
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, доби награда за мир во Мостар, Босна и Херцеговина, со што влезе меѓу значајните личности во светот од политичкиот и општетствениот живот, заслужни за поврзување на луѓето, поттикнување соработка и меѓусебно почитување.
Центарот за мир и мултиетничка соработка и Претседавачот со Советот на министри, Денис Звиздиќ, во име на граѓаните на Мостар и БиХ, синоќа му ја врачија на премиерот Заев наградата „Мостарска повелба за мир“, , на свеченоста во чест на 13-годишнината од обновата на Стариот мост во градот.
„Премиерот Заев е заслужен за мирната разврска на политичката криза во Република Македонија и демократските промени што донесоа нова реформска Влада во земјата. Тој се определи за мир не само во Македонија, туку и за градење мостови во целиот регион. Силно е фокусиран на европската и регионаланата соработка, со што испраќа порака на охрабрување кон сите политички лидери и граѓани за сплотеност, разбирање и толеранција, како придонес кон нашата заедничка иднина“, истакна претседавачот со Советот на министри, Звиздиќ, кој му ја додели наградата на премиерот Заев.
Претседавачот Звиздик на свеченоста во Мостар ја оцени првата официјална посета на владината делегација од Македонија предводена од премиерот Заев, како почеток на плодна соработка помеѓу двете држави, Република Македонија и Босна и Херцеговина, што испраќа силен сигнал за регионална соработка на што државите се обврзаа за процесот на евроинтеграции.
„Премиерот Заев е човек и политичар кој носи нова енергија и нова визија во регионот. Тој сплотува луѓе и држави“, рече претседавачот со Советот на министри, Звиздиќ.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев порача дека мирот и стабилноста, како и соработката меѓу луѓето и државите се цивилизациски вредности и дека обврска на на секој одговорен човек и политичар е да ги негува и унапредува.
„Да подаваме рака секој нов ден, да помагаме секому. Од мое име, од име на Владата на Република Македонија и од име на граѓаните на Република Македонија честитам за придонесот на Мостар и БИХ во регионалниот мир и сензибилитетот со којшто го негува“, рече премиерот Заев меѓу другото, во обраќањето на свеченоста.
Премиерот Заев придружуван од министрите за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, за економија Бектеши Крешник, за култура, Роберт Алаѓозовски и за дијаспора, Едмонд Адеми, по официјалните срердби со владнино-државниот врв во Сараево, синоќа до доцна на полноќ беа дел од манифестацијата “Мостар не ги заборава своите пријатели 2017“.
На свеченоста беа доделени награди за придонес во обновата на Стариот мост во Мостар, симбол на поврзувањето на двете страни на градот и со тоа симбол на помирувањето, на политичари и значајни личности од Полска, САД, од регионот, од БиХ.
Владината делегација од Македонија, на свеченоста беше пречекана со традиционална музика, автентична за Македонија. Премиерот Заев и министрите учествуваа во традиционалното фрлање цвеќе во реката Неретва од обновениот Мост во Мостар, којашто се смета за крвоток на градот.
Посетата на премиерот Заев и владината делегација од Македонија на БИХ и средбите на највисоко политичко ниво се толкуваат токму како порака и повик на градење мир во меѓународни рамки, соживот и европски перспективи, со што двете држави покажуваат зрелост да бидат носители на овие важни политички процеси како во регионали рамки, така и за Европа.