Премиерот Заев се сретна со амбасадорката Сибил Сутер Тејада: Швајцарија има долгорочна стратегија за соработка со Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорката на Швајцарија во Република Македонија, Н.Е Сибил Сутер Тејада.
На средбата беше реафирмирана поддршката што Швајцарија ѝ ја пружа на Македонија, особено во аспирациите кон полноправно членство во ЕУ и НАТО.
Премиерот Заев ја информираше амбасадорката за реформските процеси од „Планот 3-6-9“, за интензивираната регионална соработка и за цврстата одлучност земјата да работи на спроведување на реформите кои ќе обезбедат независни професионални институции во служба на граѓаните, правна држава и квалитетен животен стандард.
За новата владина програма амбасадорката истакна дека содржи проекти кои се од значаен интерес за граѓаните и ја изрази подготвеноста на Швајцарија да ги поддржи ваквите проекти со цел да се унапреди економскиот развој, демократскиот капацитет на водење на земјата на локално и централно ниво.
За таа цел, амбасадорката Тејада го информираше премиерот Заев и му ја врачи долгорочната Стратегија за соработка помеѓу двете земји со којашто Швајцарија планира значително да ѝ помогне на Македонија во понатамошниот напредок и развој. Поддршката главно се однесува на програми за унапредување на работата на Парламентот, програми за унапредување на изборниот процес како и поддршка за развој на стручното образование во приватниот сектор.
„Имаме огромна желба да ги отвориме перспективите за вработување на младите луѓе овде во Македонија. За таа цел, со ребалансот на Буџетот планираме од септември да го стартуваме проектот „Гаранција за млади“ со кој државата ќе овозможи за младите луѓе вработување, пракса или тренинг по завршувањето на нивното образование. При креирањето на оваа мерка ги имавме во предвид и позитивните резултати што ги дадоа проектите поддржани од швајцарската амбасада токму во овој дел“ рече премиерот Заев.
На средбата заеднички беше констатирано дека плодната соработка и размената на искуства помеѓу двете земји ќе продолжат во насока на отворање на економски перспективи за напредок, унапредување на меѓуетничките односи и зајакнување на демократските капацитети.