Oд 38 седница на Владата на РМ: Усвоен предлог закон за престанок на важењето на Законот за совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија
Владата на Република Македонија на денешната 38 седница, донесе одлука да му предложи на Собранието на Република Македонија предлог закон за престанок на важењето на Законот за совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија. Основна цел на овој предлог закон е престанување на важење на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија и враќање на надлежноста за водење на дисциплинска постапка на Судскиот совет на Република Македонија, водејќи сметка за дадените забелешки и напатствија од меѓународните институции во делот на реформите на правосудниот систем. Во образложението за овој предлог се вели дека праксата покажа дека формирање на вакво професионално тело за покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија не ја оствари целта на основањето, туку, напротив, истото беше формирано без да се направи целосна анализа на недостатоците во Законот за судски совет што резултираше со негативен извештај од меѓународните институции, вклучувајки ги и забелешките од Венецијанската комисија.
На денешната седница Владата донесе одлука и за предлог закон за изменување и дополнување на Законот за Судски совет, заради правните последици што ќе произлезат од предлогот за престанок на важењето на Законот за совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, како и заради укажувањата за неопходноста од законски измени кои на ова тело ќе му наложат поголема и неопходна транспарентност во работата на Судскиот советот, и заради постоечката законска одредба која на кандидатите за судии кои не беа избрани на огласот, им беше ускратено правото на жалба.
На оваа, 38 седница, Владата донесе одлука да предложи на усвојување на Собранието на РМ предлог закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци. Целта на оваа предложена законска измена е да се обезбедат услови за спроведување на Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Министрите во Владата на РМ денеска ја разгледаа и прифатија информацијата „Фактографски преглед на статусот на имплементација на мерките предвидени во Планот 3-6-9“ заклучно со 14 ноември 2017 година, како и информацијата за активностите што ќе бидат преземени во наредниот период што ги опфаќаат одредниците 6 и 9 во планот. Како што е познато, Мерките од делот 6 и 9, како и претходните, се дефинирани и ажурирани врз основа на препораките содржани во Извештајот на Групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото и консултациите со сите засегнати страни. Предвидените мерки е планирано да се реализираат до декември 2017 година/март 2018 година или пред објавувањето на следниот редовен Извештај на Европската комисија за Македонија, и ги опфаќаат реформа на правосудството, реформата на безбедносните и разузнавачките служби, зајакнувањето на капацитетите на Собрание на РМ, во што учествува владата во рамки на своите надлежности за поддршка на мерките за обновување и развој на демократскиот амбиент, низ политички дијалог и соработка со сите парламентарни партии, а особено со опозицијата, во делот на именувањата на државни функционери за што владата се обврзува да ги почитува во целост законските процедури и критериуми при именувањето на лица на раководни позиции како и членови на управни и надзорни одбори, реформа на јавната администрација и добро управување, борбата против организиран криминал и корупција, реформите во медиумите, соработката со граѓанско општество, како и политиките за миграции и гранично управување.
Владата денеска го разгледа и го усвои предлог законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите со кој се предлага зголемување на висината на акцизата на гасно масло (дизел гориво) кое се користи како погонско гориво и на гасното масло што се користи како гориво за греење, за 3 денари.
На денешната владина седница е усвоена и информацијата во врска со потребата од склучување на Анекс кон Договорот за доделување на државна помош склучен со Владата на Република Македонија и компанијата корисник на ТИРЗ Штип „Џонсон Контролс ДООЕЛ Штип“ заради новата тековна состојба со која е утврдена промена на називот на друштвото, како и промена на субјектот на сопственост на друштвото. Новиот назив на друштвото е Друштво за производство „Адиент Сеатинг дооел Штип“.
Владата денеска го усвои и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со цел да се обезбеди непречено остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување. Со предлозите за измени на овој закон се врши и допрецизирање на одредбите од член 61 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување кои се однесуваат на остварување право на семејна пензија за дете инвалид.
Владата на седницата ја разгледа информацијата за модели за подобрување на функционирањето на Проектот „Отворање на Народни кујни“, и да го задолжи Министерството за труд и социјална политика да ги продолжи активностите за подобрување на состојбата за добивање на топол оброк за најранливите категории на граѓани и редовно да ја да ја информира владата за овие мерки.
На предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата ja разгледа и информацијата за утврдување на мерки за времено згрижување на затекнатите лица под Кале и го задолжи министерството преку ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, времено да ги смести затекнатите лица. Исто така, Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да обезбеди задолжително вклучување на сите сместени лица во Програмата за поддржаното живеење, преку која на сместените лица ќе им се помогне да добијат адекватни услови за престој, различни форми и содржини на работа за стекнување на животни и работни вештини, со цел да бидат оспособени за самостојно живеење и интеграција во социјалната средина.
Владата денеска ја разгледа и усвои информација за измена и дополнување на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година, и го прифати предлагот за измена и дополнување на евидираниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година, со пренамена на средствата во програми и мерки каде се предвидува зголемување на опфатот на лицата со овие мерки.
На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата ја усвои Програмата за капитални трансфери за невладини организации во областа на земјоделството и руралниот развој. Со оваа програма ќе се реализраат активности за поддршка на невладини организации со цел подобра имплементација на Програмите во областа на земјоделството и руралниот развој, преку разни активности за подобрување на човечките капацитети во земјоделството и руралниот развој, како и дисеминација на информации и знаење за овие програми. Средствата од оваа програма ќе се користат за субвенции за апликативни проекти кои имаат за цел, поддршка во процесот на земјоделско производство; подобрување на човечки ресурси во земјоделството и руралниот развој, како и пренос на знаење за подобра искористеност на програмите во областа на земјоделството и рураалниот развој.
Владата денеска ја усвои Програмата за изменување на програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2017 година, со која ќе се обезбедат средства за поддршка на мерката „Млад земјоделец“.
На денешната седница Владата го утврди предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу на Република Македонија и Советот на Министри на Босна и Херцеговина за заемно признавање и замена на возачки дозволи.