Од 43-тата седница на Владата на РМ: Предлог-измени на Законот за полиција со што се ограничува употребата на средства за присилба; „Мерцедесот“ ќе се продаде за болничка опрема; Градежното земјиште во реоните 5 и 6 поевтинува за повеќе од 80%
Владата на Република Македонија ја одржа 43-тата редовна седница со повеќе точки од интерес на граѓаните.
На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција, и донесе одлука да го достави до Собранието на Република Македонија.
Со предлогот за изменувањата и дополнувањата на Законот за полиција, меѓу другото, се предвидени измени кои ја ограничуваат употребата на средствата за присилба кои можат да се употребат спрема група, како што се физичка сила; полициска палка; електричен парализатор; хемиски средства; гумен пиштол; службени кучиња; специјални возила за јавен ред и мир и пиротехничко-експлозивни средства.
Предлог-измените тргнуваат од недореченостите кои се однесуваат на дискреционото право на полициските службеници при примената на овие средства за присилба и од недостигот на одредби со кои се уредува рангот на полициски службеник кој ја одобрува употребата на наведените средства за присилба.
Во анализите се укажува и на потребата од додефинирање на начинот, условите и ситуациите на употреба на електричниот парализатор и гумените куршуми.
Исто така, со предлог-измените се препорачува доуредување на материјата за користење на средствата за присилба со јасно утврдени процедури и правила, траење и интензитет на користењето, ограничување кога може да се користат, како и мерки за претпазливост и заштита на здравјето.
Врз основа на согледувањето на наведените забелешки, Министерството за внатрешни работи изврши соодветно содржинско и концептуално доуредување на законската материја, по што се очекува хармонизирање на наведената содржина со меѓународните стандарди.
На денешната седница Владата го разгледа и утврди Предлог-законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, и донесе одлука да го достави до Собранието на Република Македонија.
На предлог на Министерство за транспорт и врски Владата донесе одлука за изменување на Уредбата за висината на цената на градежното земјиште сопственост на Република Македонија и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување и давање под закуп.
Со предложените измени се врши намалување на висината на цената по кои се отуѓува градежното земјиште сопственост на Република Македонија со непосредна спогодба за А3 – групно домување за реон 5 и реон 6, и истата ќе изнесува 70,00 денари, за разлика од досегашните цени, кои за овие реони изнесуваа од 1.600,00 до 400 денари за населено и вон населено место, во различни општини.
Целта на ова намалување на цената на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија е да се стимулира изградбата на објекти за групно домување, со социјална компонента како што се домови за пензионери, градинки, ученички и студентски домови и слично.
Владата денеска ја усвои одлуката со која автомобилот „Мерцедес“, кој беше во сопственост на Министерството за внатрешни работи, му се дава на трајно користење без надоместок на Влада на Република Македонија - Служба за општи и заеднички работи, со што се создава можноста ова возило да биде отуѓено и средствата добиени од тоа да бидат наменети за набавка на болничка опрема.
На оваа 43 седница Владата на РМ ја разгледа и усвои информацијата за Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии 2018-2021 година, што ја донесе Министерството за финансии.
Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии 2018-2021 година е структуирана со цел да ги одрази клучните слабости и предизвици во областа на управување со јавни финансии и истата ќе придонесе кон подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавните трошења, што претставува императив за стабилен, одржлив развој и благосостојба на граѓаните на Република Македонија. Реформите во програмата се групирани во седум приоритети, во рамките на кои се предвидени соодветни мерки и активности за нивно спроведување.
Донесувањето на ваква програма е одраз на напорите на Владата на Република Македонија да обезбеди фискална дисциплина, одржливост на долгот, како и да оствари ефикасно, транспарентно и современо управување со јавните финансии.
Подобрувањето на управувањето со јавните финансии претставува еден од најзначајните приоритети на Владата на Република Македонија и воедно е услов за пристапување на земјата во Европската унија.
Владата на Република Македонија го разгледа и прифати Извештајот за завршени преговори за склучување на Договор за воена финансиска соработка меѓу Владата на Република Турција и Владата на Република Македонија, и го задолжи Министерството за надворешни работи во рок од 15 дена од денот на потпишувањето на Договорот, да започне постапка за неговата ратификација. Владата ја определи министерката за одбрана Радмила Шекеринска-Јанковска, во име на Владата на Република Македонија да го потпише Договорот за воена финансиска соработка меѓу Владата на Република Турција и Владата на Република Македонија.
Владата го разгледа и утврди Предлог-законот за ратификација на Конвенцијата за ноќна работа, со која, меѓу другото е уредено и работењето на жените ноќе, со тоа што Конвенцијата содржи одредби во насока на заштита на мајчинството. Со Конвенцијата се елиминираат сите рестрикции на ноќната работа специфични за жените, освен за оние кои се насочени кон заштита на женската улога за репродукција и нега на новороденчињата.
Со оваа конвенција се подобруваат можностите на жените за вработување, односно се овозможува жената да има избор, дали ќе работи ноќе или не. Истовремено, со ратификацијата на оваа конвенција ќе се зајакне водечкиот принцип на родова еднаквост и на тој начин ќе се отстрани ограничувањето на слободата на избор на работникот на работно време, единствено на основа на пол.
Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за поднесување на Апликација за инвестициски грант за изградба на Автопат А2 Гостивар - Кичево делница Букојчани - Кичево, како и за Апликација за инвестициски грант за градежни работи за рехабилитација и проширување на државниот пат А2 Крива Паланка - Деве Баир (граница со Бугарија), како дел од Коридор 8, во рамки на отворениот повик на Инструментот за инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF) за 2017 година.
На седницата е усвоена и Информацијата за распределба на средства од Буџетот на РМ за 2017 година, од Министерство за транспорт и врски на Потпрограмата за поддршка на имплементацијата на Декадата и Стратегијата за Ромите со цел за распределба на средства за комунални инфраструктурни проекти во општините Кочани, Битола и Прилеп.
Владата го разгледа и усвои најновиот текст на Информацијата за фузионирање на здравствени домови и општи болници во општините каде тоа е потребно и го задолжи Министерството за здравство, во соработка со Фондот за здравствено осигурување на Македонија да формира работна група која ќе ги испита можностите за спојување, припојување, поделба или издвојување на две или повеќе јавни здравствени установи, заради поефикасно и порационално искористување на просторот, опремата и кадарот на јавните здравствени установи и за тоа на следната седница на Владата да достави информација со анализа на фискалните импликации, како и анализа на предностите и недостатоците, со предлог јавни здравствени установи.
На предлог на Министерството за здравство, Владата ја разгледа Информацијата со Акциски план за развој на вонболничка постоперативна грижа на пациенти и го задолжи Министерството за здравство на секои шест месеци до Владата да доставува информација за прогрес на активностите од Акцискиот план, се до конечна реализација на Проектот.
На оваа седница на Владата на РМ е донесена одлука за доделување финансиски срeдства на повеќе државни студентски домови за да се надоместат долговите и преостанатите режиски трошоци до крајот на годината.
На 43-тата седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од основање на Координативно тело за следење на арбитражни постапки произлезени од меѓународни договори. Владата ги задолжи сите надлежни државни органи, акционерски друштва и јавни претпријатија во државна сопственост, до Координативното тело за следење на арбитражни постапки произлезени од меѓународни договори во рок од 10 дена да ги достават сите информации кои ги поседуваат, а кои се однесуваат на склучени договори кои содржат клаузула за арбитража, странки во спорот, вредност на инвестиција и вредност на спорот, дали е иницирана постапка пред арбитража, во која фаза се наоѓа таквата постапка, кои субјекти учествуваат, кои се правните застапници, каде се води постапката, кои се назначените арбитри, како и за други прашања од кои ќе може да се согледа севупноста на проблемот.
На денешната седница Владата донесе одлука за основање на Совет за реформа на јавната администрација. Претседател на советот е именуван Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија.