Промовирана веб-страница „Стоп педофилија“
Министерството за труд и социјална политика (МТСП) денеска ја промовираше веб-страницата www.stop-pedofilija.org.mk, која содржи информации како да се препознае педофил, кој може да биде жртва на сексуална злоупотреба и каде децата да се обратат за помош.
„Секој почеток е тежок. Скрши ја тишината. Побарај помош. Помогни им на другите“ е мото на интернет-страницата. Во соработка со МОН и со Црвениот крст на РМ, МТСП спроведува и едукативни работилници во 126 основни и средни училишта, но ја избра и оваа форма за информирање на најмладите зашто се тие и најчести корисници на интернетот.
- Нејзина примарна цел е подигнување на јавната свест, но и мотоворање на децата кои веќе биле изложени на сексуална злоупотреба и педофилија како тоа да го пријават... Децата најчесто кријат дека се сексуално злоупотребени, но тишината треба да биде скршена. Тие ќе може да ја пријават секоја злоупотреба зашто ефикасноста е во превенцијата, пред децата да бидат повредени, рече министерот Спиро Ристовски на промоцијата на веб-страницата.
Таа има податоци за раширеноста на појавата, за профилот на педофил, блог за размена на информации и поставување прашања до стручен тим кој ќе одговара на нив, како и телефонски броеви на сите центри за социјална работа во државата.
Ристовски рече дека се поразувачки фактите зашто едно од пет деца во Европа е жртва на некој облик на секусално насилство. Веб-страницата треба да ги предупреди децата дека педофилите не се непознати луѓе, туку најчесто од нивното опкружување. Дури 85 отсто од случаите жртвата го познава сторителот, кој често е пријател или член на потесното или поширокото семејство.
Наскоро ќе профункционира и регистар на лица осудувани за педофилија. Предлог-законот ги помина двете фази во Собранието и се очекува во понеделник да биде изгласан. Откако законот ќе биде во сила, МТСП ќе може да ги побара податоците од МВР, Управата за извршување санкции и од затворите и да ги објави сторителите на ова кривично дело со име и презиме и фотографии.
Ристовски рече дека бројот на осудени педофили не е голем, но оти не може да го соопшти пред донесување на законот за регистар.
Но, деца-жртви на педофили во 2011 имало меѓу 65 и 70, што е за околу 50 отсто повеќе во однос на 2010 кога биле регистрирани 47.
- Има случаи кои се повторуваат од 2010 и на кои паралелно се работи и затоа се појавуваат во статистиката за двете години, рече Ристовски и додаде дека зголемениот број се должи и на тоа што децата се повеќе се охрабруваат да пријават злоупотреба, што е и цел на кампањите на МТСП.