За време на дводневната посета, министерот задолжен за дијаспора во Владата на Република Македонија, Едмонд Адеми денес оствари средба со министерот за државна управа и локална самоуправа на Република Србија, Бранко Ружиќ.
При тоа, двајцата министри отворија повеќе актуелни прашања во однос на зајакнување на правата на македонското национално малцинство во Р. Србија и српското национално малцинатво во Р. Македонија, разменувајќи позитивни искуства во двете земји со цел унапредување во наредниот период.
Конкретно, министрите Адеми и Ружиќ се договорија за што поскоро иницирање на Меѓувладината мешовита комисија согласно Спогодбата меѓу Р.Македонија и Р.Србија за заштита на македонското национално малцинство во Р.Србија и српското национално малцинство во Р. Македонија, во насока за конкретна реализација на обврските преземени од двете страна во духот на Спогодбата.
Од српска страна беше информирано и за измените на законите за националните малцинства коишто ќе следат до крајот на јуни оваа година во Р. Србија, во функција на поголемата транспарентност и јавност во работата на националните совети.
На крајот двајцата министри дадоа изјави за средствата за информирање.