На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата на Република Македонија на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од формирање на Меѓуресорска работна група која ќе предложи модел на реформа на безбедносно - разузнавачкиот систем во Република Македонија со План за негово воспоставување.
Со заклучок на денешната седница, Министерот за внатрешни работи во рок од 3 дена од добивањето на номинациите е задолжен да достави до Владата на Република Македонија Предлог одлука за формирање на Меѓуресоска работна група која ќе предложи Модел на реформа на безбедносно - разузнавачкиот систем во Република Македонија со План за негово воспоставување.
Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за имотот кој припаѓал на должникот Тутунски комбинат „Боро Петрушевски Папучар АД” од Куманово со цел да се испитаат можностите за рестартирање на комбинатот.
Во таа насока Владата на РМ на денешната седница ги задолжи Управата за јавни приходи и Агенцијата за управување со одземен имот, во договор со доверителите и сопствениците на имотот, или на дел од него, да влезат во процес со кој ќе ги уредат меѓусебните односи во постапката со која треба да се создадат услови за продажба на вкупниот движен и недвижен имот на потенцијалните инвеститори.
На денешната 91 седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за Рамковна соработка (Country Partnership Framework) помеѓу Република Македонија и групацијата Светска банка за периодот 2019-2023 година и го прифати предлогот за Рамковната соработка, односно го прифати предлогот со проекти кои би се реализирале и финансирале со средства (грант и/или заем) од групацијата Светска банка во наведениот период.
Министрите во владата денеска ја разгледаа и усвоија Информацијата во врска со активностите кои ги презема Република Македонија за имплементација на Националната стратегија за одржлив развој и Имплементација на Целите за одржлив развој на Обединетите нации, и донесе одлука за изменување и дополнување на Одлука за формирање на Националниот совет за одржлив развој.
На својата денешна седница владата го прифати најновиот усогласен текст на Спогодба помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави за научна и технолошка соработка, и го определи д-р Арбер Адеми, министер за образование и наука во име на Владата на Република Македонија да ја потпише Спогодбата помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави за научна и технолошка соработка.
Владата на РМ за претседател на Организациониот одбор за претстојната прослава на државниот празник - 11 Октомври - Ден на народното востание ја именуваше Мила Царовска, министер за труд и социјална политика, а за членови м-р Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, Асаф Адеми, министер за култура, Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа, Драган Николиќ, државен секретар во Министерството за одбрана и м-р Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка.