Од 130-тата седница на Владата на РСМ: Усвоени препораки за прогласената епидемија на мали сипаници во државата; 5 Мај прогласен за Ден на македонскиот јазик; Северна Македонија ќе биде домаќин на 2000 американски војници на најголема вежба досега

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна, 130-та седница ја разгледа и усвои информацијата на Министерството за здравство, според која на предлог на Комисијата за заразни болести при министерството е донесена одлука за прогласување епидемија на мали сипаници на цела територија на Република Северна Македонија.

Согласно постапката за вакви ситуации донесени се и соодветни препораки кои предвидуваат строго почитување на мерката за забрана на посета на градинки на невакцинирани деца со МРП на територија на цела држава, како и почитување на протоколот за движење на пациентите со симптоми на мали сипаници со цел да се намали оптоварувањето на клиниките за инфективни болести и педијатрија и да се намали стапката на интра-хоспитално ширење на инфекцијата.

Препораките предвидуваат сите невакцинирани здравствени работници кои се во директен контакт со пациенти (особено педијатри, инфектолози и гинеколози) задолжително да бидат вакцинирани со две дози на МРП.

Како посебно важна препорака се нагласува потребата од интензивирање на мерките за вакцинирање на невакцинирани деца преку спроведување на кампањи за вакцинација и теренски активности за промоција на вакцинацијата спроведени од Центрите за јавно здравје и надлежните служби од Здравствените домови, и да се понуди дополнителна вакцинација со МРП за сите невакцинирани, некомплетно вакцинирани и лица без доказ за вакцинација кои се постари од 14 а помлади од 45 години.

Во информацијата за епидемијата на мали сипаници се наведува дека овие активности особено треба да се засилат во градовите вон Скопје.

 

На оваа своја денешна седница, Владата на РСМ донесе одлука 5 мај да биде прогласен за Ден на македонскиот јазик како празник од работен карактер. Одлуката овој датум да се прославува како Ден на македонскиот јазик е во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија која на 5 мај 1945 година ја усвои азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо, а по два месеци Министерството за просвета го озакони, првиот правопис со што беше кодифициран македонскиот јазик.

 

На оваа 130-та седница, Владата го задолжи Министерството за надворешни работи на нашата земја да стапи во контакт со МНР на Република Франција за координација во врска со помошта на меѓународната заедница за помошта за реставрација на опожарената црква Нотр Дам, со цел да се определи најсоодветна поддршка од Република Северна Македонија во знак на солидарност за обновата на овој грандиозен споменик од цивилизациско значење.

 

На денешната седница Меѓународниот републикански институт (ИРИ) од САД, ја презентираше Анализата на правниот основ за одлучување на Владата на Република Северна Македонија со Препораки за функционална децентрализација и деконцентрирање на надлежностите по институции за Влада на Република Северна Македонија.

Сумираните резултати од анализата и препораките, имаат за цел да послужат како конкретни насоки кои закони и одредби да се разгледаат за измена и дополнување, во законодавна постапка, со цел функционална децентрализација на процесот на одлучување, односно пренесување на надлежноста за одлучување од Владата врз органите на управата, другите органи на државата и управните организации, за поефикасно работење на владините институции.

 

На предлог на Министерството за одбрана, на оваа седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и прифати Информацијата за изведување на вежбовната активност на Армијата на Република СевернаМакедонија и Командата на US EUCOM „Одлучен удар“ и учество на странски вооружени сили на територијата на нашата земја, и донесе Одлуката за одобрување за влегување и престојување на припадници на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија заради изведување на вежбовната активност „Одлучен удар“, која во неколку фази ќе се спроведе од 20 мај до 15 јули оваа година.

Според информацијата усвоена на денешната седница станува збор за најголема воена вежба која било кога е организирана во нашата држава и во која на практичен и видлив начин ќе се манифестира сојузничката поддршка за членството на Република Северна Македонија во НАТО. На вежбовната активност е предвидено, освен учеството на 2000 припадници на Армијата на РСМ, и активно учество на 2000 припадници на вооружените сили на Соединетите Американски Држави и 400 различни видови моторни возила, 25 припадници на Вооружените сили на Република Албанија и 10 различни видови моторни возила, 25 припадници на Вооружените сили на Република Бугарија и 10 различни видови моторни возила, 25 припадници на Вооружените сили на Република Литванија и 100 припадници на Војската на Црна Гора и 20 различни видови моторни возила.

Вежбовната активност е насочена кон постигнување на интероперабилноста на припадниците на вооружените сили на земјите учеснички со цел овозможување на зголемена контрибуција во тековните и идните операции предводени од НАТО алијансата.

 

Владата на РСМ денеска ја разгледа и усвои Информацијата во врска со отпочнување активности за спроведување на Национална стратегија за мали и средни претпријатија 2018-2023 со Акциски План, која има за цел да обезбеди услови за ефикасна имплементација на регулативата и мерките за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија мали и средни претпријатија.

 

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за финансиска поддршка на здруженија и фондации од Буџетот на Република Северна Македонија во 2018 година и планирани средства во 2019 година. Според информацијата во 2018 година за оваа намена доделени се вкупно 428.903.454,00 денари финансиска поддршка на 888 здруженија и фондации, а за 2019 година за истата цел се предвидени 496.773.000,00.

 

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за подготовка на национална стратегија за електронско здравство, и го задолжи Министерството за здравство да подготви проект со проектна структура, кој ќе ја развие националната стратегија за електронско здравство со акциски план во соработка со Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија во рок од една година од денот на усвојување на Информацијата.

Електронското здравство е систем за обезбедување вистински здравствени информации на вистинската личност на вистинското место и време во безбедна, електронска форма за да се оптимизира квалитетот и ефикасноста на здравствената заштита, истражувањето, образованието и знаењето.

Донесување на Национална стратегија за електронско здравство ќе значи воспоставување на главните насоки, како и планирање на детални чекори кои се клучни за постигнување на долгорочни цели како што се универзален пристап до грижа, ефикасност во здравствениот сектор, реформи или друга пофундаментална трансформација.