МИОА промовира нов портал е-демократија за модерна јавна расправа
Граѓаните и бизнис заедницата добија нова алатка за комуникација поврзана со работата на државните институции со денеска поставениот веб портал е-демократија на Министерството за информатичко општество и јавна администрација МИОА. Новиот и модерен метод на јавна расправа треба да им овозможи на едноставен и лесно достапен начин да го дадат своето мислење за предлог документите на Владата, но и за готовите закони, со што активно би учествувале во носењето одлуки.
- Ова е концепт којшто го има во повеќе западни земји но ние сме меѓу првите во Источна и Југоисточна Европа. Овозможува директна комуникација на граѓаните преку повеќе модели со новата технологија преку форуми, блогови... рече на презентација на порталот министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Секоја институција, додаде, ќе ги поставува најзначајните документи, стратегии, закони што се носат со цел граѓаните да можат да коментираат додека се во нацрт верзија. Исто така е поставен и линк до електронскиот регистер на прописи.
- Очекуваме дека со овој начин на комуникација ќе воведеме уште една алатка со која граѓаните ќе можат директно да го дадат своето мислење и да влијаат врз носењето на одлуките на МИОА, истакна Ивановски.
Порталот е-демократија ќе го администрира МИОА. За пристапат до содржините и документите на порталот за граѓаните не е потребна никаква регистрација. Ќе треба да се регистрираат за оставање коментар на форум, блог и документи. Напредни корисници на порталот се претставници на стопанските комори, здруженија, синдикати, фирми и други правни лица. За нив е потребна регистрација и можат да објавуваат записи на блог.
Порталот нуди опција за тематска дебата на форум. Темите ќе можат да ги читаат сите граѓани, а регистрираните корисници да учествуваат во дебати и да оставаат коментари. Може да се дебатира за теми поврзани со информатичка технологија, проценка на влијанието на регулативата, регулаторна гилотина - 4 фаза и за реформи на администрацијата.
Достапен е и дел од порталот - опис на документи, каде се нуди можност за преглед, снимање и коментирање на сите документи поделени во соодветни области. Има и блог наменет за напредните корисници, како и дел „Дај идеја“ во кој граѓаните имаат можност да дадат идеја, коментар или мислење со цел поефикасно функционирање на администрацијата.