Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска одржа работна средба со еврокомесарот за соседска политика и проширување кој е во еднодневна посета на нашата земја.
По средбата со еврокомесарот Хан, на која присуствуваа и заменик претседателот во Владата на РСМ задолжен за европски прашања Бујар Османи, и министерот за надворешни работи Никола Димитров, на заедничката прес конференција премиерот Заев му честиташе на еврокомесарот Хан за третата последователна номинација за трет мандат за комесар во Европската Комисија, и истакна дека тоа е признание за неговата посветеност и вредна работа, особено значајна и за нашата земја бидејќи тој го води ресорот за соседска политика и проширување во период од клучна важност за нашата земја, и дека господинот Хан во наредниот негов мандат како комесар, останува нашиот сигурен линк во процесот и ќе остане силен застапник на политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
„Комесарот Хан денеска е меѓу нас за да го означиме стартот на последната фаза до старт на преговорите. Нашите очи се фокусирани на октомври. За време на утринскиот разговор со господинот Хан порачав дека во октомври очекуваме ЕУ да си го одржи зборот и да објави дека земјата може да ги отпочне преговорите по поглавја за членство во ЕУ“, истакна премиерот Заев на конференцијата за новинарите.
Во продолжение во своето обраќање премиерот Заев нагласи дека останува до октомври, со искрена и чесна посветеност да ги заокружиме реформските приоритети особено во завршницата на реформите на правосудниот систем со новиот Предлог Закон за Јавно обвинителство, за да се претставиме на есен како земја која ги затворила сите прашања за добивање на ветениот датум за старт на преговорите, и дека во тој пристап треба да се покаже одговорност за да не му дадеме никому аргумент да ја доведе во прашање оваа наша стратешка цел.
„На еврокомесарот Хан му пренесов дека Владата, владината коалиција, никогаш нема да ги затвори портите за придонес на опозицијата во овој процес. Ниту досега сме го правеле тоа, ниту некогаш ќе го направиме кога се во прашање теми за кои е неопходна парламентарна поддршка и согласност од сите политички партии зашто станува збор за прашање од нацинонален и од интерес на граѓаните на земјата“, рече Претседателот на Владата на РСМ Заев, и додаде дека парламентот е сега местото каде што сите пратеници имаат можност да ја дефинираат финалната верзија и содржината на законот.
„Во нашата земја деновиве сведочиме одлучна и бескомпромисна борба против организираниот криминал и високата корупција. Таа борба ја води независно јавно обвинителство и другите институции во системот за истрага и поддршка. Тоа е резултат на ослободување на сите сегменти од правосудството од прегратките на остатоците од претходната власт. Никој не е привилегиран, никој нема да биде амнестиран. Сите се еднакви пред правдата и затоа и понатаму го охрабруваме Јавното Обвинителство да ја продолжи постапката во случајот „Рекет“, без разлика до кого ќе стигне“, потенцираше премиерот Заев на заедничката прес конференција со еврокомесарот Хан.
Северна Македонија се докажува како правна држава, како земја во која владее правото и така личи во пресрет на октомври кога ќе биде испорачана поканата за почеток на преговорите со ЕУ, нагласи во завршницата на прес конференцијата премиерот Заев.
Еврокомесарот Хан во своето обраќање пред медиумската јавност потенцираше дека главната причина за неговата посета на земјата е да го охрабри дијалогот и постигнувањето консензус околу предлог законот за Јавно обвинителство, како клучна фаза во заокружувањето на реформата на правосудството и како последен чекор за зелено светло во октомври за старт на преговорите со ЕУ. Дополнително, потцрта еврокомесарот Хан, заедничката согласност околу законот во Собранието ќе ја потврди одлучноста на сите дека нема компромис во борбата против организираниот криминал и високата корупција, и ќе биде аргумент плус за старт на преговорите за кои истакна дека е сигурен дека ќе добијат одобрување за почеток во октомври.