Министерот за здравство Тодоров во работна посета на Србија
Министерот за здравство Никола Тодоров, во рамки на дводневната посета на Република Србија, денеска имаше средба со неговиот српски колега Зоран Станковиќ.
На средбата, соопшти Министерството за здравство, стана збор за можностите за унапредување на соработката меѓу двете земји на полето на здравството, со посебен акцент на можноста за остручување на медицинските кадри од дефицитарни струки и специјалности, кои се дел од Програмата на Министерството за здравство за дообучување соодветен специјалистички кадар од македонските болници во реномирани медицински центри во странство.
Од страна на српскиот министер е искажана отворена поддршка за спроведувањето на овие обуки.
Министерот Тодоров се сретна и со началникот на Воено медицинската академија Слободан Славковиќ, а со директорот на Институтот за кардиоваскуларни болести Дедиње, Бошко Ѓукановиќ, разговараше за операционализација на обуките.
Стручниот тим од делегацијата на Министерството за здравство во текот на денешниот ден ќе има средби со раководството на Институт за неонатологија и на Клиничкиот центар во Белград.
Исто така, ќе бидат реализирани и работни средби во Клиничкиот центар и Институтот за белодробни заболувања во Војводина, како и на Институтот за онкологија во Нови Сад.
Посетата во Србија е во рамки на континуираните заложби на министерот за здравство за проширување на можностите за дообука и за прифаќање наши кадри во реномирани медицински установи во Република Србија и во другите земји од регионот, со цел доостручување на лекарите-специјалисти за одреден вид специјалности, кои во моментов се дефицитарни во Република Македонија, стои во соопштението.