Министерот Попоски го прими Петер Маурер, државен секретар во МНР на Швајцарија
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска го прими државниот секретар во Федералниот Департман за надворешни работи на Швајцарската Конфедерација Петер Маурер, кој престојуваше во еднодневна работна посета на Република Македонија.
На средбата, како што соопшти Министерството за надворешни работи, беа разменети мислења за повеќе аспекти на билатералните односи меѓу двете држави, како и за актуелните теми во нашиот регион. Во тој контекст беше подвлечено значењето од остварувањето на посети на високо и највисоко ниво, унапредувањето на правната рамка преку склучување на нови договори, јакнењето на економската соработка и трговската размена, како и соработката во меѓународните организации, особено во рамките на СЕ.
Попоски и Маурер изразиле задоволството од досегашниот позитивен тренд во билатералните односи кои ги карактеризира пријателство, разбирање и заедничка определба за нивно постојано унапредување, а потенцирана беше заинтересираноста за нивен натамошен развој, особено за зајакнување на економската соработка.