Средба на министерот Попоски со рускиот заменик-министер за надворешни работи Титов

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска го прими заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Владимир Титов.

Притоа, како особено корисни беа оценети резултатите од одржаните политички  консултации меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји.  Изразена е, соопшти Министерството за надворешни работи, заемна подготвеност за натамошно интензивирање и продлабочување на партнерските односи и соработката меѓу двете земји со посебен акцент на зајакнување на соработката на полето на економијата, трговската размена и во привлекувањето руски инвестиции во Република Македонија.

Нагласувајки го значењето што го имаше посетата на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров на Македонија, во април минатата година, беше потврдена цврстата подготвеност за интензивирање на воспоставениот политички дијалог на високо и највиско ниво. Исто така, беше разговарано и за можностите за заокружување на правната рамка и потпишување нови билатерални договори меѓу двете земји во областа на културата, образованието и економијата.

Посебно беше нагласена потребата од натамошно олеснување и либерализација на визниот режим меѓу двете држави, што ќе овозможи поголема размена на луѓе и идеи во иднина.

Истовремено, на средбата беа разменети и мислења за актуелните меѓународни прашања, како и за регионалните теми, вклучително и надворешно-политички приоритети и состојби во непосредното опкружување на двете земји, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи.