Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заедно со заменичката на претседателот на Владата, задолжена за економски прашања и за координација со економските ресори, Мила Царовска и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Александар Младеновски присуствуваше на увид во градежните работи во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 2 (Бунарџик).
Во изјавата за медиумите по тој повод, премиерот Спасовски истакна дека се во полн ек работите на комплетирање на инфраструктурата во зоната којашто опфаќа сообраќајници, водовод, атмосферска и фекална канализација, гасовод и улично осветлување на булеварот и на уличната мрежа.
„Се предвидува работите да бидат завршени до октомври оваа година, а инвестициската вредност на работите изнесува 107.000.000 денари. Изведувачи и надзорен орган се домашни компании“, подвлече претседателот на Владата Спасовски.
Воедно тој потенцираше дека заложбата на Владата да се изведуваат градежните работи според предвидените рокови е поттикната од определбата и во делот на новата развојна економска политика која налага и во овие услови на забавени инвестициски циклуси, да обезбедиме целосно инфраструктурно подготвени индустриски зони за брз старт на инвестициските проекти кои очекуваме да продолжат во новата реалност.
„Големи се придобивките што од ден на ден ги подобруваме условите за инвеститорите, и да потсетам дека во во ТИРЗ 2 веќе работат компаниите Ван Хол, Мурат Тиџарет, Дура Аутомотиве Системс и Гересхајмер, во оној дел во кој инфраструктурата е завршена соодветно на потребите на овие компании“, истакна премиерот Спасовски.
Тој посочи дека извозот од зоните само за 2020 година, заклучно април, изнесува 630,2 милиони евра, а увозот за истиот период изнесува 556,3 милиони евра и дека тоа се факти достојни за почит и се одраз на динамичните економски политики на земјата.
„Странските инвестиции имаат големо значење за економскиот развој на државата, а најголема придобивка од странските инвестиции е фактот што тие имплементираат нови технологии. Вработените во фабриките се високостручно обучени луѓе кои работат по истите стандарди што компаниите ги практикуваат во сите нивни производни капацитети низ светот“, подвлече премиерот Спасовски.
Тој воедно наведе дека во пошироката слика, како секундарна придобивка од технолошко-индустриските развојни зони ја гледаме и можноста за поврзување со локалните компании кои стануваат дел од синџирот на снабдување на странските инвеститори што ги прави овие зони значаен генератор и учесник во растот на бруто домашниот производ.
Заменичката на претседателот на Владата, задолжена за економски прашања и за координација со економските ресори, Мила Царовска потенцираше дека зоната се уредува со потребната инфраструктура, а засилено продолжуваат и градежните активности на неколку објекти на странски инвеститори коишто и покрај корона кризата не ја запреа градбата, туку напротив овој период го искористија за теренски работи.
„Сведоци сме дека имаше одредено забавување на глобалната економија коешто имаше влијание и на нашите компании, но по ова забавување производствените продолжуваат да функционираат согласно воспоставените протоколи“, потенцираше заменичката на претседателот на Владата, Царовска.
Царовска истакна дека Владата направи максимален напор со воведување на посебни протоколи за заштита на вработените и протоколи за транспортот на стоки, за да се ублажи влијанието на кризата.
„Ние како Влада посветено работиме како да обезбедуваме услови за работа, како за домашните така и за странските инвеститори. Во текот на оваа здравствена и социо-економска криза обезбедивме протоколи да ниеден производствен капацитет во нашата држава не престане и да се обезбедат услови да тие продолжат со давањето на услуги и производството кои се потребни.
Секако дека и странските компании беа погодени од кризата, како и целата држава, како дел од меѓународните трговски процеси, голем дел од нив се во глобални ланци на снабдување, и има намалување на нивното производство. Но, сега со она кое може да го видиме и со најавите кои ги имаат Советот на странски инвеститори и странските инвеститори со кои сме во комуникација, поединечни компании, се гледа дека тие се прилагодуваат на новото време и веќе стартуваат со своето производство“, рече Царовска.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Александар Младеновски во своето излагање издвои неколку проекти со кои се подобрува оперативноста на зоните и потенцираше дека јавните инвестиции во патната инфраструктура се комплементарни со инвестирањето во инфраструктура во ТИРЗ.
„За сообраќајно поврзување на ТИРЗ Прилеп, градиме два натпатника, чија инвестиционата вредност изнесува 240 милиони денари. Внатрешната инфраструктура што се состои од сообраќајница со атмосферска и фекална канализација и улично осветлување, чија инвестициона вредност е 45 милиони денари. Во истата зона е изграден доводниот водоснабдувачки систем со вкупна инвестициона вредност од 50 милиони денари “, потенцираше директорот Младеновски.
Тој презентираше дека ТИРЗ Струга во завршна фаза е изградбата на клучката за влез/излез во/од зоната, инвестиција од 135 милиони денари. Внатре во ТИРЗ Струга (во зоната) се работи на изградба на втората фаза од основната инфраструктура – сообраќајница, водоводна линија долж улицата, атмосферска и фекална канализација, улично осветлување, со инвестициона вредност од 42.000.000,00 денари.
„Во зоната во Кичево сме во фаза на реализација на втората фаза од внатрешната инфраструктура која се состои во изградба на сообраќајница, атмосферска и фекална канализација и улично осветлување во должина од 500 метри со инвестициона вредност од 20.500.000,00 денари“, истакна директорот Младеновски.
Тој објасни дека ТИР зоната во Струмица во тек е изведба на терминал за тешки товарни возила со инвестициона вредност од 48.000.000,00 денари, а во ТИРЗ Штип се планира сообраќајно поврзување со новиот експресен пат и терминал за тешки товарни возила.
„Морам да напоменам дека од големо значење за зоните ќе биде и изградбата на гасификацијата во Република Северна Македонија. Можноста да се обезбеди пренос и приклучок на гасот до индустриските капацитети ќе биде компаративна предност во привлекување на странски инвестиции“, на крај потенцираше директорот Младеновски.