Остварени најзначајните стратегиски заложби во 2011година во борбата против трговијата со луѓе во Македонија
Изминатата 2011 година се остварени најзначајните стратегиски заложби за борба против трговијата со луѓе согласно Националната стратегија и Националниот Акционен План, истакна денеска на прес - конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во врска со годишните извештаи за ситуацијата со трговијата со луѓе во Република Македонија за 2011 година.
Во извештајот на американскиот Стејт департмент, Република Македонија повторно се најде меѓу земјите кои целосно ги исполнуваат критериумите и стандардите за борба против трговија со луѓе, отворен е и Центар за заштита на жртви на трговија со луѓе, а се идентификувани вкупно 11 жртви на трговија со луѓе, од кои 6 се малолетни, а две се странски држвјанки. Во 2010 година, информира таа, се идентификувани 12 жртви, а во 2009 осум жртви.
Првпат во Македонија, потенцира Јанкулоска, МВР поднесе 15 кривични пријави за корисници на сексуални услуги од малолетни лица, откриени се тројца полицајци кои тргувале со луѓе и криумчареле мигранти, а кривично се пријавени 35 лица, од кои на 16 им се одредени затворски казни. Во 2012 година кривично се пријавени 25 лица, од кои 16 ги издржуваат затворските казни.
- Владата на Република Македонија и оваа година ќе ги смета за приоритетни проектите за заштита на трговијата со луѓе со оглед на фактот дека Македонија претставува земја на потекло и дестинација на жртви на трговија со луѓе кои изминативе 6 години се доминантно домашни малолетни државјанки, рече министерката Јанкулоска.
Таа информира дека ќе се пристапи и кон креирање на нов Акционен план 2012-2015 во соработа со Германското друштво за меѓународна соработка.
На планот на истраги и гонење на сторителите на кривични дека од областа на трговија со луѓе, најави министерката Гордана Јанкулоска, ќе се продолжи со ист интензитет како и досега со цел заштита на интегритетот на жртвите од овој сериозен криминал.