Вицепремиерот Битиќи на средба со шпанскиот амбасадор Лоренцо Сера – Поддршката од Кралството Шпанија е важна за остварување на европските аспирации на Република Северна Македонија

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, оствари средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Емилио Лоренцо Сера и претставници на канцеларијата за трговско-економска соработка на Кралството Шпанија, со кои разговараше за потенцијалите за економска соработка помеѓу двете земји.

Амбасадорот Лоренцо Сера упати честитки за формирањето на новата Влада, како и за назначувањето на Битиќи на позицијата вицепремиер за економски прашања, посочувајќи дека пријателските односи помеѓу двете земји овозможуваат потенцијал за развој на економската соработка.

Вицепремиерот Битиќи во своето воведно излагање, се заблагодари за упатената честитка, а како позитивен момент во економската соработка посочи дека Кралството Шпанија е една од ретките земји со кои Северна Македонија има суфицит во економската соработка. Кралството Шпанија е една од најважните земји и земја пријател на Северна Македонија, која дава континуирана поддршка на нашата земја во остварување на евро-атлантските аспирации, потенцира Битиќи.

Вицепремиерот оцени дека Северна Македонија има исклучително конкурентни услови за привлекување на нови странски инвеститори, како и за поддршка на инвестиции  на домашните компании, при што ги претстави можностите за инвестирање во технолошко-индустриските развојни зони, поддршката која се овозможува со Законот за финансиска поддршка на инвестициите и Законот за стратешки инвестиции, а во насока на подигнување на конкурентноста на меѓународните пазари, додаде тој, ќе се стимулира соработката на домашните компании со успешни и светски познати конзорциуми.

Вицепремиерот нагласи дека во периодот кој следи ќе се работи на Платформа за економски развој, која ќе биде консултирана со сите чинители во економскиот живот, а која ќе овозможи побрз и одржлив економски развој, но и предвидливост и конзистентност за компаниите, нешто што е од клучна важност за секој инвеститор, независно дали станува збор за странска или домашна компанија.

Амбасадорот Лоренцо Сера и Вицепремиерот Битиќи дискутираа за можните сектори во кои би можело да се продлабочи соработката. Градежништвото, особено шпанското искуство во изградба на железнички делници, енергетиката, управувањето со водниот потенцијал и управувањето со отпадни води, се неколку од секторите во кои во годините кои следат, ќе се реализираат големи, пред се инфраструктурни проекти, а на кои се поканети да учествуваат сите компании, по транспарентни, јасни и европски критериуми.
На крајот од состанокот, кој помина во исклучително конструктивен дијалог, вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Лоренцо Сера се согласија дека ќе се интензивираат меѓусебните средби, во насока на подобрување на економската соработка.