„Ние сме уште земја во транзиција и се смета дека кај граѓаните има околу 1,5 милијарди евра кои се надвор од финансиските текови и од финансискиот промет. Подготвени сме да ја отвориме дебатата за тоа кои се најдобрите услови и што треба да направиме за да поттикнеме овие огромни средства да се трансформираат во инвестиции за дополнителен економски развој“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во емисијата „Економски магазин“ на ТВ АлсатМ.
„Сега имаме стабилен и сигурен амбиент за инвестиции и за економски развој заради нашето членство во НАТО, а еве нѐ и пред почетокот на отворањето на поглавјата за членство во ЕУ и Брисел нѐ стави во фокусот со Економско-инвестицискиот пакет на ЕУ за Западен Балкан. Но, да се запрашаме дали ги користиме сите ресурси? Дали ги знаеме сите наши ресурси? Дали се максимално искористени? Владата отвори дебата со коморите, а отворив дебата и на една од седниците за важни теми кои треба да станат видливи, како што е темата на кој начин да се стават во функција 1,5 милијарди евра на граѓаните“, објасни премиерот Заев.
Заев истакна дека голем потенцијал за инвестиции има во земјоделското земјиште кое што во голема мерка е уште државно.
„Легализиравме одреден процент со мерките за консолидација на земјоделското земјиште, но остануваат уште многу површини. Ако станат сопственици граѓаните, компаниите, ако го купуваат тоа земјиште со парите кои сега не се во промет, тие ќе повлечат повеќе кредити за своите инвестициски активности. Има и други теми. Тука се автомобилите со странски таблички кои средствата за регистрација ги плаќаат во други држави. Зошто да не им дадеме можност да добијат домашни таблички и да се регистрираат кај нас? Потоа тука се угостителите. Зошто е толку мало учеството на угостителството во бруто домашниот производ, а во европските земји тоа учество е многу поголемо? Да ја отвориме таа дебата. Да го слушнеме општеството, да ги пуштиме во оптек сите ресурси затоа што неповторлив е овој период. Од ЕУ, регионот добива 9 милијарди евра и тоа е секако заслужена поддршка, но да видиме што правиме дома. Како да ги поттикнеме и искористиме сите ресурси затоа што имаме многу можности и предности“, истакна премиерот Заев во „Економски магазин“ на ТВ АлсатМ.