Од 62 седница на Владата: Усвоена информацијата за извршување на Буџетот во првиот квартал со позитивни трендови во однос на истиот квартал во 2020 година

Владата на Република Северна Македонија на денешната 62 седница, која се совпадна со 29-тата годишнина од усвојувањето на првиот Буџет на независна Република Македонија во 1992 година, ја разгледа и усвои Информацијата за извршување на Буџетот во првиот квартал во 2021 година.
 
Споредено со првиот квартал од минатата година, кога пандемијата со коронавирусот се уште немаше влијание на економијата, вкупните остварени приходи во Буџетот изнесуваат 48.549 милијарди денари, што е повеќе за 4,4% од истиот период во 2021 година, односно за 5,4% повеќе од првиот квартал во 2019 година.
 
Во овој раст учествуваат речиси сите видови даночни приходи и приходите од придонеси и сите бележат раст во првиот квартал споредено со истиот квартал во 2020 и 2019 година.
 
Реализацијата на капиталните расходи во Буџетот во првиот квартал на оваа година изнесува 16,5% во однос на вкупните планирани капитални расходи за 2021 година, односно, споредено со истиот квартал во 2020 година, кога немаше економска криза заради пандемијата, бележи раст од 97,7%.
 
Според информацијата на Министерството за финансии, во јануари 2021 година извозот на стоки пораснал за 15,4% на годишна основа, со што со засилена динамика продолжија позитивните движења во овој сегмент. Увозот на стоки е со раст од 5,3% и придонесе трговскиот дефицит во јануари да се намали за 29%, а трговијата на мало во истиот период забележа раст од 2%.
 
Во јануари просечната плата забележа годишен раст од 2,7%, пред сѐ како резултат на зголемувањето на платите во здравството.
 
Согласно последните макроекономски и фискални движења се очекува во 2021 година да се врати економскиот раст и да ги надмине шоковите од пандемијата. Предвидувањата се дека со закрепнувањето на надворешната побарувачка, што силно влијае на нашиот извоз, како растот на домашната потрошувачка поддржан од антикризните економски мерки да бидат двигатели на економскиот раст, кој е проектиран на 4,1%.
 
Позитивни трендови се утврдени и во кредитирањето на населението и стопанството. Во февруари вкупните кредити се зголемија за 4,4% на годишна основа, во услови на раст за кредитите за домаќинствата за 7,1% и за раст на кредитите кон компаниите од 1,4%. Вкупниот депозитен потенцијал во февруари оствари годишен раст од 7,1%.
 
Владата на Република Северна Македонија, ја разгледа и ја усвои Информацијата за прераспределба на неискористените средства до пропишаниот лимит до 15% од планираните капитални расходи од донесениот основен буџет со вклучени прераспределби кај буџетските корисници од централната власт во првиот квартал во 2021 година согласно Законот за извршување на буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година.
 
Прераспределбата на неискористените средства до пропишаниот лимит – остатокот до 15% ја врши Министерство за финансии по службена должност на ставка 414-Резерви за капитални расходи во рамки на буџетот на буџетскиот корисник, без право на трошење.
 
Во случај кога буџетските корисници од централна власт ќе реализираат 40% од капиталните расходи на ниво на потпрограма и ставка од донесениот основен буџет со вклучени прераспределби на средства заклучно со вториот квартал, средствата кои претходно биле прераспределени согласно член 4 од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година, Министерство за финансии по службена должност ќе ги врати на соодветната потпрограма и ставка од каде што биле прераспределени.