Премиерот Груевски во Доха се сретна со премиерот и министер за надворешни работи на Катар
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска(недела, 25.03.2012 година) оствари средба со г-дин Шеик Хамад бин Џасмин бин Џабор Ал-Тани, премиер и министер за надворешни работи во Емирскиот Диван на Државата Катар.
На средбата беа истакнати добрите односи кои владеат помеѓу двете земји на севкупно ниво, и беше афирмирана посветеноста за нивна понатамошна надградба на сите полиња од взаемен интерес.
Премиерот Груевски информираше за политичките реформи кои земјата ги прави во насока на зачленување во НАТО и Европската унија, како и за економските реформи кои се спроведуваат, и за економскиот аспект на посетата на Државата Катар и средбите кои владината делегација ги имаше со претставници на катарските компании, фондови и агенции. Акцент беше ставен на поволностите кои Република Македонија ги нуди за странските инвеститори и разгледувањето на можноста за реализација на конкретните проекти за инвестирање на катарските инвеститори во Македонија
На средбата стана збор и за унапредување на економската соработка и трговската размена, како и за воспоставување на модалитети на соработка во областа на енергетиката, туризмот, и управувањето со технолошко-индустриските развојни зони.
Од страна на катарскиот премиер Шеик Џабор Ал-Тани, беше изразена волја за унапредување на односите на секое ниво и беше дадена политичка поддршка на економскиот аспект на посетата, како и на напорите на македонската делегација за реализација на конкретни проекти со катарските инвестициски потенцијали.
Соговорниците изразија задоволство од договорната состојба која ги уредува односите помеѓу земјите, и ја изразија интенцијата за заокружување на правната рамка за соработка во сите области за кои постои интерес со осврт на здравството и медицинските науки, и на образованието.
Соговорниците разговараа и за останати теми од меѓународен карактер, ефектите од светските економски предизвици и модалитетите за овозможување понатамошен раст на стопанствата.
Премиерот Груевски заблагодарувајќи се на поддршката која властите на Катар ја даваат на Република Македонија на политичко и економско ниво, упати официјална покана до Шеикот Џабор Ал-Тани да ја возврати посетата и да ја посети Република Македонија, во време кое најмногу му одговара, со цел продолжување на политичкиот дијалог на високо ниво и унапредување на економските односи.