Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
На состанокот е разговарано за важноста на политиките на разбирање, со цел напредок на државата на домашен и на меѓународен план. Заеднички е констатирано дека е потребна посветеност од страна на сите политички субјекти во земјава, за ефикасно решавање на прашањата од полза на граѓаните и за функционален Парламент. Оценето е дека концептот „Едно општество“ за сите дава резултати и се изразени заеднички очекувања дека државата ќе продолжи да се развива во тој правец.
„Водиме инклузивни политики, со цел постигнување разбирање помеѓу етничките заедници во државата и помеѓу власта и опозицијата - за клучните прашања од полза за граѓаните. Фокусирани сме и на функционални добрососедски односи, во европски дух - не само поради нашите аспирации во евроинтеграциите, туку и како одговорна држава којашто сака да придонесува во регионалниот и светскиот мир, посебно како нова членка на НАТО“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари на ОБСЕ за континуираната поддршка на демократските процеси на нашата држава. Во таа насока, премиерот Заев соопшти дека е чест за Република Северна Македонија, што ќе претседава со ОБСЕ во 2023 година, за прв пат откако во 1995 година нашата држава стана членка на ОБСЕ. Тоа, како што оцени премиерот Заев е силна порака и дека нашата држава е дел од интернационалното семејство и најави дека довербата од нашите меѓународни пријатели ќе биде оправдана.
„Имаме искуства во развојот на мултикултурно општество, решавање на билатерални прашања, како што се Договорот од Преспа и Договорот за пријателство и добрососедски односи со Бугарија и ќе продолжиме да придонесуваме во регионалната соработка и светскиот мир“, рече премиерот Заев.
На средбата е посветено внимание и на прашања од областа на изборното законодавство, при што премиерот Заев соопшти дека фокусот е ставен на препораките на ОБСЕ за унапредувања во оваа област. Исто така беше разговарано и за прашања од областа на економијата, екологијата, енергетиката, инвестициите, евроинтеграциите, во насока на натамошната демократизација на државата.